Најмалку 16 луѓе загинаа во пожарот во магацин со хемикалии и текстилна фабрика во главниот град на Бангладеш, Дака, соопштија противпожарните служби.

„Телата на 16 лица ги најдовме на вториот и третиот кат од зградата на фабриката“, изјави шефот на противпожарните операции, Таџул Ислам Чоудхури.
Тој рече дека телата биле изгорени до непрепознатливост и оти работниците можеби биле заробени во фабриката, бидејќи вратата на покривот била заклучена во моментот кога избил пожарот.
Портпаролот на противпожарната служба и цивилната заштита, Талха бин Јасим, претходно во текот на денот изјави дека пожарникарите ги извлекле телата од третиот кат на фабриката во северниот дел на градот, во населбата Мирпур.
Тој додаде дека бројот на жртвите може да се зголеми, бидејќи екипите сè уште работат на гаснење на пожарот. Тројца спасени од местото на настанот биле итно пренесени во болница.
Чоудхури, кој ја водел акцијата за гаснење, рече дека при пристигнувањето екипите затекнале трикатен магацин со хемикалии, четирикатна фабрика за облека и уште една зграда целосно зафатени од пламен.
Причината за пожарот сè уште не е позната, рече тој, додавајќи дека биле потребни речиси четири часа за да се изгасне пожарот во фабриката.
„Но магацинот сè уште гори и испушта токсичен чад“, изјави тој.
Армијата е распоредена во областа за да спречи собирање на луѓе околу местото на несреќата.
Бангладеш е втор најголем извозник на текстил во светот, веднаш по Кина, со годишна заработка од речиси 40 милијарди долари, главно од пазарите во САД и Европа. Текстилната индустрија вработува повеќе од 4 милиони луѓе, најчесто жени, во околу 4.000 фабрики.
Индустријата долго време е под критики поради лоши услови за безбедност при работа и чести индустриски несреќи. Најтешката индустриска катастрофа во земјата се случи во 2013 година, кога се урна осумкатната зграда Rana Plaza, при што загинаа повеќе од 1.100 луѓе, најголем дел од нив текстилни работници.