Расте бројот на затвореници во ЕУ, ќелиите се преполни во 13 земји: Бројот на затвори може да се зголеми и до 200%

Во Европската унија, дури 13 земји-членки пријавија пренатрупаност во затворските ќелии, а Полска, Унгарија и Чешката Република забележаа највисоки стапки на затворање во ЕУ.

Според последните податоци на Евростат, во 2023 година во затворите во ЕУ имало околу 499.000 затвореници, што е зголемување за 3,2 отсто во однос на претходната година. Властите предвидуваат дека бројот на затвореници може да се зголеми до 200 отсто до 2027 година поради политичките промени.

„Популацијата на затворите расте во Европа, особено по укинувањето на мерките за пост-Ковид. До ова водат повеќе фактори, од кои многу произлегуваат од несоодветни или неконзистентни политики и законодавни практики што резултираат со повеќе луѓе во затвори“, рече Идил Ајдиноглу од Penal Reform International.

Најголем број затвореници во последните 30 години е забележан во 2012 година – 553.000 луѓе.

Секој петти затвореник во ЕУ во 2023 година имал странско државјанство во однос на земјата во која биле притворени.

Кога се гледаат поединечни земји, Полска има најголем број затвореници на 100.000 жители (203), потоа Унгарија (187) и Чешка (181). Од друга страна, најмалку затвореници имаа Финска (53), Холандија (66) и Словенија (68).

Пренатрупаноста на затворите носи безбедносни ризици

Во 2023 година 14 земји имале „вишок капацитет“, односно слободни ќелии, додека во 13 земји имало пренатрупаност, кога бројот на затвореници го надминува затворскиот капацитет.

Најголема пренатрупаност е забележана во Кипар, каде затворите се исполнети дури 226,2 отсто, потоа Франција (122,9 отсто) и Италија (119,1 отсто).

Естонија (56,2 отсто), Луксембург (60,8 отсто) и Бугарија (67,7 отсто) имале најмала пополнетост.

Пренатрупаноста има негативно влијание и врз затворениците и врз затворскиот персонал – го зголемува ризикот од насилство, исцрпеност на вработените и ја намалува институционалната контрола.

На пример, во Шпанија, пренатрупаноста им овозможи на криминалните банди полесно да дејствуваат во затворскиот систем. Во Словенија пристапот до здравствена заштита е многу потежок, а поради недостиг на ресурси беа откажани дури 1.416 придружби на затвореници, што доведе до сериозно одложување на судските процеси во текот на 2023 година.

Исто така, бројот на конфликти меѓу затворениците се зголеми во словенечките затвори – од 207 инциденти во 2020 година на 314 во 2023 година, според Penal Reform International.

Зачлени се на нашиот е-билтен