Продажбата на нови автомобили на европскиот пазар, исто така, забележа раст во текот на ноември, петти месец по ред на годишно ниво, а главен двигател на овој тренд беше силната побарувачка за електрични возила.
Најголем раст на регистрациите е забележан во земји како Германија, Италија и Шпанија, според податоците од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Регистрациите на електрични возила, кои се користат како индикатор за продажба, достигнаа пазарен удел од 21 процент во Европската Унија, 26 проценти во Велика Британија, додека во Норвешка речиси целосно доминираа на пазарот со удел од дури 98 проценти, според Ројтерс.
И покрај позитивните индикатори, европската автомобилска индустрија се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои се растечката конкуренција од кинеските производители, американските увозни тарифи и тешкотиите во исполнувањето на построгите прописи поврзани со транзицијата кон електрични возила, а воедно и одржувањето на профитабилноста.
Производствен погон на Форд во Германија
Европската комисија неодамна објави дека се откажува од планираната ефективна забрана за продажба на автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година, по силниот притисок од индустријата, што во Брисел се толкува како значаен пресврт во зелената политика на Европската Унија.
Аналитичарите истакнуваат дека електричните возила се неизбежна насока на развој на долг рок.
Според податоците на ACEA, продажбата на автомобили во ЕУ, Велика Британија и земјите од ЕФТА се зголеми во ноември за 2,4 проценти, на околу 1,1 милион продадени возила.
На ниво на поединечни производители, Фолксваген забележа зголемување на регистрациите од 4,1 процент, додека Рено ја зголеми продажбата за три проценти во споредба со истиот период минатата година.
Од друга страна, Стелантис забележа пад од 2,7 проценти, по три последователни месеци раст.
Продажбата на возила на Тесла падна за 11,8 проценти, иако рекордните резултати во Норвешка ги компензираа падовите на другите пазари.
Во исто време, кинескиот производител BYD забележа силен раст на регистрациите од дури 221,8 проценти. Во ноември, Tesla имаше пазарен удел од 2,1 процент, додека BYD имаше два процента удел.
Вкупната продажба на автомобили во Европската Унија се зголеми за 2,1 процент, на речиси 900.000 возила.
Регистрациите на електрични, хибридни и plug-in хибридни автомобили се зголемија за 44,1, 38,4 и 4,2 проценти, соодветно, така што овие категории заедно учествуваа со 65,6 проценти од сите новорегистрирани возила во ЕУ, во споредба со 56 проценти во август 2024 година.
И покрај растот, ACEA предупредува дека вкупната продажба е сè уште далеку под нивоата пред пандемијата.