Инфлуенсерите: Трајчевски од АВМУ е опседнат од нашите чесно заработени пари

инфлуенсерите

Здружението на инфлуенсерите и креатори на дигитални содржини остро реагира на изјавата на директорот на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) Зоран ГТрајчевски во која се имплицира дека инфлуенсерите избегнуваат регистрација „за да не се види од каде им се парите“.

Оваа квалификација е неоснована, навредлива и опасна.

Во соопштението до медиумите насловено „ААВМУ во улога на УЈП ? – Зошто директорот на ААВМУ е опседнат со чесно заработените пари на инфлуенсерите, за кои веќе е платен данок?, се истакнува дека инфлуенсерите во Македонија не заработуваат „црни пари“, ниту работат без договори и „на жими мајка“. Секоја соработка – без разлика дали станува збор за голем бренд преку маркетинг агенција или директна соработка со компанија – се реализира со договор. Исплатите се вршат преку трансакциски сметки и се предмет на персонален данок согласно важечките законски прописи.

Да се сугерира дека инфлуенсерите прикриваат приходи или избегнуваат даночни обврски значи директно да се етикетира цела индустрија како сомнителна. Тоа не е регулаторен пристап – тоа е јавно дискредитирање.

Дополнително, велат од здружението, до нас стигнуваат информации дека од страна на АВМУ се пласира теза кон компаниите и брендовите дека можат да соработуваат со инфлуенсери „само ако се регистрирани“. Ова не е точно и нема законска поткрепа. Ваквите пораки создаваат конфузија на пазарот и директно штетат на деловната репутација на креаторите на содржини.

Голем број инфлуенсери и здруженија на дигитални креатори во Македонија жестоко реагираа на обврската и регулативата што ја воведува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), поради која тие треба да се регистрираат, да доставуваат податоци за своите приходи и да плаќаат надоместок поради надзор. Според инфлуенсерите, предложениот правилник и водич не се усогласени со реалноста на дигиталниот простор, носат дополнителен финансиски товар и може да ограничат креативната слобода, бидејќи одредбите на регулаторот ги третираат како даватели на медиумски услуги кои треба да подлежат на строги правила. 

Од здружението на инфлуенсери велат дека тие не бегаат од одговорност за даночните обврски – тврдејќи дека редовно плаќаат данок на приход кон државата – но дека предложените акти не нудат системско решение за транспарентност и одговорност на интернет платформите, туку отвораат простор за правна несигурност и ограничување на креативниот израз ако не се усогласат со европски практики. Тие предлагаат да се развие Кодекс преку инклузивен дијалог со релевантните страни, кој ќе обезбеди јасни и применливи правила, наместо еднострано наметнати акти. 

Од друга страна, претставници на АВМУ потенцираат дека регистрацијата и надзорните обврски произлегуваат од измените на законот за аудио и аудиовизуелни услуги и дека целта е да се воспостави регулаторна рамка за субјектите што нудат медиумски услуги на барање, вклучително инфлуенсерите и креаторите на содржини.

Зачлени се на нашиот е-билтен