Откако утрово САД извршија блицкриг операција и како што тврдат го заробиле венецуелскиот претседател Николас Мадуро, неколку држави во светот се јавија со свои реакции.
„Го известувам целиот свет дека ја нападнаа Венецуела“, напиша колумбискиот претседател Густаво Петро во серија изјави објавени на платформата за социјални медиуми X.
„Република Колумбија ја повторува својата убеденост дека мирот, почитувањето на меѓународното право и заштитата на животот и човечкото достоинство мора да преовладуваат над секоја форма на вооружена конфронтација“, рече Петро.
Претседателот на Куба Мигел Дијаз-Канел Бермудез издаде остро обвинение на социјалните мрежи, обвинувајќи го Вашингтон за извршување на „криминален напад“ врз Венецуела и повикувајќи на итен меѓународен одговор.
Во објава на X, Дијаз-Канел рече дека таканаречената „зона на мир“ на Куба е „брутално нападната“, опишувајќи ја акцијата на САД како „државен тероризам“ насочен не само кон венецуелскиот народ, туку и кон „Нашата Америка“ пошироко.
Тој ја заврши изјавата со револуционерниот слоган: „Татковина или смрт, ќе победиме“.
Реакции од Русија, Италија, Шпанија…
Москва е длабоко загрижена и го осудува „чинот на вооружена агресија“ против Венецуела извршен од страна на Соединетите Американски Држави, соопшти руското Министерство за надворешни работи. „Во сегашната ситуација, важно е… да се спречи понатамошна ескалација и да се фокусираме на наоѓање излез од ситуацијата преку дијалог“, се вели во соопштението на министерството.
Министерството соопшти дека „на Венецуела мора да ѝ се гарантира правото да ја одреди својата судбина без никаква деструктивна, воена интервенција однадвор“.
„Ја потврдуваме нашата солидарност со венецуелскиот народ и нашата поддршка за политиката на неговото раководство за одбрана на националните интереси и суверенитетот на земјата“, се додава во соопштението.
Мадрид повика на деескалација, умереност и почитување на меѓународното право во Венецуела, се вели во соопштението на шпанското Министерство за надворешни работи. Исто така, се понуди како преговарач за да помогне во наоѓањето мирно решение во Венецуела.
Премиерката на Италија, Џорџија Мелони изјави дека „внимателно ја следи ситуацијата во Венецуела“, со цел „да собира информации за нашите сограѓани“ во земјата. Мелони додаде дека е во постојан контакт со италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани. Околу 160.000 Италијанци моментално живеат во Венецуела, повеќето од нив со двојно државјанство.