Во колумната „The Lecture from Skopje“, објавена во Tirana Examiner, авторот Албатрос Рехаџај остро реагира на настапот на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во македонското Собрание, каде што тој рече дека Албанија држи „политички затвореник“, алудирајќи на поранешниот албански претседател Илир Мета, а албанскиот премиер Еди Рама го поврза со наследството на Енвер Хоџа. Рехаџај оценува дека станува збор за изјава што бара „прецизен одговор“, а не за вообичаена парламентарна полемика.
Според авторот, Николоски „не зборува од неутрален терен“, бидејќи доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, партија чие владеење, како што потсетува, беше обележано со сериозни обвинувања за демократско назадување, политичко влијание врз институциите и масовно прислушување. Во колумната тој пишува дека кога Николоски денес зборува за „политички затвореници“ и демократски вредности, „иронијата не е случајна, туку структурна“. Такви оценки за системските слабости во тогашна Македонија беа нотирани и во извештајот на групата предводена од Рајнхард Прибе, како и во извештаите на Европската комисија за земјата.
Рехаџај потоа ја оспорува и суштината на тврдењето дека Илир Мета се наоѓа во притвор „без предмет“. Тој наведува дека тоа е теза што ја повторуваат адвокатите и политичките сојузници на Мета, но дека албанските судови веќе ја разгледувале и не ја прифатиле. Според јавно достапните извештаи, Мета беше уапсен во октомври 2024 година по обвиненија за пасивна корупција, перење пари и непријавување имот, а во март 2026 година предметот беше пуштен во судска постапка. Авторот потсетува и дека обвинението доаѓа од СПАК, специјалното антикорупциско обвинителство во Албанија, институција што е дел од правосудните реформи и која, според ЕУ, е изградена како силен и независен механизам со поддршка и од европските и од американските партнери.
Посебен акцент во текстот е ставен на споредбата со Енвер Хоџа. Рехаџај пишува дека во албанскиот политички и историски контекст тоа име не е обична политичка референца, туку симбол на „речиси пет децении тоталитарно владеење“, логори, егзекуции и длабока општествена траума. Поради тоа, според него, повикувањето на Хоџа во странски парламент, во обид да се дискредитира актуелен албански премиер, не е само коментар, туку „намерен чин на историско насилство врз албанската меморија“.
Авторот оди и чекор понатаму, тврдејќи дека изјавата на Николоски не е изолиран испад, туку дел од поширок политички образец. Во колумната се наведува дека кругот околу Илир Мета во изминатиот период градел меѓународна мрежа на поддршка, главно од кругови на нелибералната десница, а пораките, според Рехаџај, се движат низ Будимпешта, Белград и Скопје. Во таа рамка, тој предупредува дека ваквите настапи можат да ѝ наштетат на Албанија токму во чувствителен момент, кога земјата веќе ги има отворено сите 33 преговарачки поглавја во процесот на пристапување кон Европската унија.
Во завршницата, Рехаџај оценува дека Албанија не треба да ги брани своите институции со викање, туку со тоа што тие ќе издржат јавна и правна проверка. За настапот на Николоски тој пишува дека не бил „придонес во демократскиот дискурс“, туку „провокација, намерен чин на регионална непријателска политика“. Пораката со која ја затвора колумната е дека „Албанија не е должна да одговори на секоја навреда, но има право да ја именува“.