Реплек остварил сериозен раст на македонскиот пазар

„Реплек АД Скопје“ во првиот квартал од 2026 година остварил вкупни продажби од 7,2 милиони евра во сегментот фармација, при што на домашниот пазар е забележан раст од 20 проценти.

Според податоците што ги објави компанијата, од вкупните продажби пет милиони евра се реализирани на странските пазари, додека 2,2 милиони евра се остварени во земјава. Од компанијата велат дека растот на домашниот пазар се должи на зголемена побарувачка за дел од клучните производни линии и на зајакната позиција на „Реплек“ на домашниот фармацевтски пазар.

Падот на продажбите во странство, според компанијата, е поврзан со глобалните проблеми во синџирите на снабдување и со геополитичките услови, поради што дел од планираните испораки биле поместени за почетокот на вториот квартал. И покрај тоа, од „Реплек“ наведуваат дека побарувачката на клучните извозни пазари останува стабилна.

Извозот и натаму носи најголем дел од приходите на компанијата. Според објавените податоци, странските пазари учествуваат со околу 75 проценти во вкупните приходи, додека домашниот пазар има удел од околу 25 проценти.

На акционерското Собрание, одржано на почетокот на април, била донесена одлука дивидендата да се зголеми за 25 проценти. Акционерите годинава ќе добијат бруто дивиденда од 500 денари по акција. Од компанијата соопштија дека одлуката, како и сите други предложени точки од Управниот одбор, биле усвоени едногласно.

Генералниот директор Душан Пецовски оцени дека резултатите во првиот квартал ја потврдуваат стабилноста на работењето и најави дека компанијата ќе остане фокусирана на извозот, на нови пазари, на развој на нови производи и на модернизација на производството.

Зачлени се на нашиот е-билтен