Репортери без граници: Насилството врз новинарите во Србија достигна тажен рекорд, регистрирани се 34 напади за помалку од два месец

Насилството врз новинарите во Србија достигна тажен рекорд - 34 напади врз медиумски професионалци се регистрирани за помалку од два месеци додека известуваат за протести против корупција, соопштија „Репортери без граници“.

Тие ја повикаа ЕУ  да реагира.

Членовите на ЕУ и Европскиот парламент беа повикани да испратат јасна порака до српските власти дека нивниот пасивен став и потенцијалното соучесништво во тие настани се некомпатибилни со целта за приклучување кон ЕУ.

Од 34 инциденти, 14 биле извршени од насилни поддржувачи на Српската напредна странка, а 20 напади биле извршени од страна на службеници за спроведување на законот, соопштија РБГ.
Се додава дека бројот на напади во изминатите два месеци ги надминува сите годишни вкупни бројки за насилство врз медиумски професионалци во Србија од 2020 година.
Вкупно 65 случаи се регистрирани оваа година.
Во просек, еден српски медиумски работник е физички нападнат на секои два дена, што е недозволиво, наведуваат од Репортери без граници.

Од Европскиот парламент и влијателните земји како Германија и Франција е побарано силно да го осудат рекордниот број напади врз српски новинари.

Српската влада мора да разбере дека таков неуспех е некомпатибилен со нејзината искажана амбиција да се приклучи кон ЕУ, се вели во соопштението.
Новинарите трпат закани и напади со метални прачки, тули и камења од насилни политички поддржувачи, додека полицијата ги прска со солзавец. Во неколку наврати, полицијата не интервенираше за да ги заштити новинарите додека беа нападнати од насилни демонстранти, се тврди во соопштението, додавајќи дека нападите и заканите со смрт кон новинарите биле поттикнати од изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ и написите на провладините таблоиди.

Од декември има неосновани обвинувања дека демонстрантите и некои независни медиуми организираат „пуч“ финансиран од западните земји. На крајот на јуни, Вучиќ ги нарече телевизиските станици Н1 и Нова С „терористи“, се наведува во соопштението.

Се наведува дека Србија е рангирана на 96-то место од 180 земји според светскиот индекс на слобода на печатот за оваа година и дека го зазема претпоследното место во зоната ЕУ-Балкан.

Зачлени се на нашиот е-билтен