Решен е еден од најчувствителните гранични спорови во Европа: Се отстранува физичката граница меѓу Гибралтар и Шпанија

Во однос на трговијата, беа договорени основните принципи на идната царинска унија меѓу ЕУ и Гибралтар, како и принципите на индиректно оданочување, вклучително и даночните режими за тутунските производи.

По повеќегодишни преговори, Европската унија, Обединетото Кралство и Шпанија постигнаа политички договор со кој се овозможува слободно движење на луѓе и стоки меѓу Гибралтар и Шпанија без физички бариери. Со ова се решава едно од најчувствителните гранични прашања на европскиот континент, пишува Euronews.

Договорот беше објавен откако европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ се сретна со шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес, со новиот британски министер за надворешни работи Дејвид Лами и со главниот министер на Гибралтар Фабијан Пикард. Шефчовиќ го нарече договорот „вистински историски чекор за Европската унија, вклучително и за Шпанија, како и за Обединетото Кралство и Гибралтар“.

Дејвид Лами на социјалната мрежа Х рече дека тоа е „практично решение кое ги штити суверенитетот, работните места и економскиот раст“. Тој додаде дека „интересите на Гибралтар, како дел од британското семејство, се во срцето на договорот“.

Една од најважните точки во преговорите, која долго време беше пречка за договор, беше прашањето за граничните контроли. Сите страни беа под притисок да постигнат договор пред да стапи на сила новиот европски систем за влез и излез, кој треба да стапи на сила во октомври оваа година.

Гибралтар е британска прекуморска територија отстапена од Шпанија на Обединетото Кралство во 1713 година со Договорот од Утрехт, но Шпанија никогаш не се откажала од своето право на суверенитет. Новите решенија би можеле да го означат крајот на еден од најдолготрајните територијални спорови во Европа.

„Овој договор претставува пресвртница за стабилност, соработка и просперитет, создавајќи област на заеднички просперитет меѓу Гибралтар и регионот Кампо де Гибралтар, што беше наша цел цело време“, рече Албарес во Брисел. Тој додаде дека „овој договор ќе ја отстрани оградата, последниот ѕид на континентална Европа и ќе гарантира слободно движење на луѓе и стоки“.

Договорот го зачувува интегритетот на Шенген зоната, единствениот европски пазар и царинската унија, истовремено отстранувајќи ги физичките бариери, граничните контроли и проверките меѓу Гибралтар и Шпанија. Сепак, безбедносните и царинските проверки ќе продолжат да се вршат на аеродромот и пристаништето во Гибралтар.

Во однос на трговијата, беа договорени основните принципи на идната царинска унија меѓу ЕУ и Гибралтар, како и принципите на индиректно оданочување, вклучително и даночните режими за тутунските производи. „Правната сигурност и јасност што ги носи овој договор значително ќе го подобри деловното опкружување за целиот регион“, нагласи Шефчовиќ.

Обединетото Кралство и Шпанија, исто така, договорија нова рамка за соработка, која вклучува размена на информации, задолжителни механизми за консултации и воспоставување на финансиски механизам за поттикнување на економскиот и социјалниот развој, вработувањето и кохезијата од двете страни на границата.

Преговарачките тимови сè уште треба да го финализираат целосниот правен текст на договорот и потоа да го применат сите вклучени страни пред формалната ратификација.

„Апсолутно сум убеден дека договорот ќе биде ратификуван бидејќи темелно го разгледавме секој аспект, секој детал. Верувам дека најдовме најдобри можни одговори на сите предизвици со кои се соочивме во последните години“, рече Шефчовиќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен