Дури 27 земји членки на Советот на Европа се потпишаа на заедничка декларација во Стразбур со која бараат ревизија на Европската конвенција за човекови права, со една клучна цел: да се олесни депортацијата на мигранти. Според документот, државите бараат нова правна рамка што, како што тврдат, подобро би одговорила на „современите миграциски предизвици“, вклучително и можноста странци осудени за сериозни кривични дела да бидат протерани, и тогаш кога нивните семејства остануваат да живеат во државата домаќин.
Во соопштение за јавност, СДСМ предупредува на прашањето што во декларацијата намерно се остава без јасен одговор: каде ќе се испраќаат овие мигранти кога земјите членки на ЕУ ќе решат да ги депортираат? Според партијата, одговорот е веќе јасен – кон држави надвор од Европската унија, меѓу кои и Македонија, а како пример се посочуваат Албанија и Косово каде што, како што се наведува, веќе започнало прифаќањето на мигранти по договори со трети земји.
СДСМ ја поврзува оваа европска дебата со домашниот контекст и со, како што посочува, „плановите на владата за мигранти“ и политиките што ја туркаат земјата во изолација од ЕУ. Намерната блокада на европските интеграции, според соопштението, не е резултат на грижа за националните интереси, туку на интересите на ВМРО-ДПМНЕ да владее во држава со слаб надзор, без европски стандарди и без независно правосудство. Таква изолирана Македонија, според опозицијата, станува идеална дестинација за сместување мигранти со криминално досие, далеку од строгите регулативи и контролни механизми на Унијата.
Опозицијата ја лоцира опасноста на две нивоа – безбедносно и стратешко. Ако профилот на мигранти кои би се упатиле кон Македонија се лица осудени за тешки кривични дела, тоа, како што се наведува, директно ја загрозува безбедноста на граѓаните и стабилноста на институциите. Во исто време, се создава и политичка замка: државата што ќе прифати вакви мигранти фактички ќе ја закочи сопствената европска перспектива, затоа што со влез во ЕУ би се отворила можност тие повторно да се вратат во земјите кои претходно ги депортирале.
Во соопштението се тврди дека мигрантите не доаѓаат во Македонија затоа што ја „бираат“ земјата, туку затоа што ја гледаат како чекор поблиску до побогатите држави во Западна Европа. Во таков распоред, ВМРО-ДПМНЕ, според СДСМ, има двоен политички профит: од една страна, земји како Обединетото Кралство добиваат канал за депортирање мигранти за пари, а од друга страна, власта во Скопје добива изолирана држава, со помалку контроли и повеќе простор за злоупотреби. На тој начин, како што оценува опозициската партија, единствени губитници остануваат граѓаните и иднината на Македонија.