Ревизија во Охрид: хаос со „Комуналец“ и субвенции без програма

Државниот завод за ревизија издаде мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на Општина Охрид за 2024 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива во делови од основниот буџет. Во извештајот се нотираат системски пропусти кои директно ја ослабуваат општинската каса и ја разнишуваат контролата врз јавните претпријатија и локалните приходи.

Една од клучните забелешки е дека општината не евидентирала побарувања по основ на надоместок за одржување на јавна чистота, додека ЈП „Охридски Комуналец“ со години не ги уплатува средствата во општинскиот буџет. За 2024 година претпријатието прикажало обврски од 22.880 илјади денари, а општината, според ревизијата, поднела тужби за 2021, 2022 и 2023 година во износ од 53.831 илјада денари.

Слична слика се повторува и кај паркинзите: не се искажани побарувања за комунална такса за користење простор за паркирање, а ЈП „Билјанини извори“, кое стопанисува со паркинзите, според сопствената евиденција, има обврска од 3.901 илјада денари која не била уплатена.

Ревизорите забележуваат и отпис на побарувања без одлука од Советот – 534 илјади денари за фактурирани комунални трошоци од периодот 2017–2020, како и отпис на 4.832 илјади денари претплатни салда без соодветна поткрепувачка документација. Во делот на локалните даноци, се нотира дека даночни обврзници кои стекнале нов или дополнителен имот во минати години не се задолжени со данок на имот, а за ненавремено платен данок не се пресметувала и наплатувала камата.

Како дополнителен удар врз приходите, надоместокот за уредување градежно земјиште се пресметувал по одлуки стари со децении – од 1997, 1999 и 2011 година – со зони кои не се ажурирани според степенот на уреденост. Тоа, според ревизорските наоди, влијае и врз остварените приходи и врз средствата потребни за уредување.

Извештајот отвора и прашања за дозволите и контролата на терен. Ревизорите констатирале дека за вршење угостителска дејност надвор од деловниот објект, на простор наменет за давање угостителски услуги, не биле издавани одобренија од градоначалникот согласно Законот за угостителска дејност. Дополнително, општината не остварувала приходи по основ на комунална такса за користење површини во кампови и поставување шатори, иако на територијата се регистрирани шест авто-кампови.

Во делот на капиталните инвестиции, ревизијата е уште поостра: за општински патишта, пречистителни станици и други линиски инфраструктурни проекти, за кои е потребно одобрение за градење и проектна документација, било констатирано дека градежни активности се изведувале без обезбедено одобрение и без изготвен проект. По овој основ, во 2024 година биле исплатени 49.431 илјади денари.

Посебно место зазема и начинот на доделување јавни средства. Ревизијата констатира дека програмските активности од културата се реализирале без јавен повик, без објава на веб-страницата на општината и без однапред утврдени критериуми. Во спортот, пак, на клубови и здруженија кои не аплицирале на јавен повик им биле доделени 37.400 илјади денари, што претставува 59% од вкупните средства на програмата. Паралелно, општината исплатила субвенции за јавни претпријатија од 36.505 илјади денари, односно околу 592 илјади евра, без претходна согласност од Советот и без донесена програма за субвенционирање, при што исплатите се вршеле со некомплетни барања и документација.

Заклучокот што се наметнува од ревизорските забелешки е дека Охрид не се соочува со поединечни пропусти, туку со модел на работа каде приходите се губат, контролата е слаба, а јавните пари се распределуваат без јасни правила и мерливи критериуми. Ревизорите доставиле препораки за надминување на состојбите, но клучното прашање останува дали општината и надлежните институции ќе ги претворат во реални мерки – пред финансиските и управувачките слабости да станат трајна состојба.

Зачлени се на нашиот е-билтен