Револуција во стоматологијата: Забите од лабораторија стануваат реалност

Истражувачи ширум светот се сè поблиску до остварување на сонот за природни, биолошки заби кои би можеле да ги заменат имплантите. Научниците од King’s College во Лондон, предводени од д-р Ана Ангелова Волпони, успеале да одгледаат структури слични на заби од човечки и глушечи клетки – голем чекор кон регенеративната стоматологија на иднината.

Уште во 2013 година, тимот на Волпони успеал да создаде прв заб од возрасни човечки клетки од непцата во комбинација со ембрионални клетки од глушец. Во најновото истражување, тие направиле голем пробив користејќи хидрогел – материјал кој подобро ги имитира природните услови во усната шуплина. Во него, по само осум дена, се формираат „зачетоци на заби“ кои понатаму можат да се развијат во структура со корен и глеѓ.

Според Волпони, постојат два можни патишта за клиничка примена:
одгледување на забот до одредена фаза, па негова вградување во вилицата, каде што би се развил до крај,
– или целосно одгледување на забот во лабораторија, кој потоа би се имплантирал хируршки.

Предноста на биолошките заби е огромна – тие би биле создадени од сопствени клетки на пациентот, со што се елиминира ризикот од одбивање, а чувството би било исто како кај природен заб, за разлика од титаниумските импланти кои се цврсто споени со коската и немаат еластичност.

Слични експерименти се спроведуваат и во Јапонија, САД и Европа. Јапонскиот научник Кацy Такахаши веќе тестира лек кој го поттикнува растот на нови заби кај луѓе со вроден недостаток на заби, додека тим од американскиот Tufts универзитет работи на одгледување заби во свињи користејќи човечки клетки.

Според проценките на експертите, регенеративната терапија со која би се одгледувале нови заби директно во вилицата на пациентот би можела да стане реалност во наредната деценија.

Зачлени се на нашиот е-билтен