Ново истражување на Европската агенција за животна средина (EEB) и нејзините партнери откри сериозна контаминација на рибите во реките низ Европа од таканаречените „хемикалии засекогаш“ – перфлуороалкилни и полифлуороалкилни супстанции (PFAS).
Ова се хемикалии кои тешко се разградуваат во природата и можат да останат во животната средина и човечкото тело со децении.
Многу примероци далеку ги надминуваат предложените нови безбедносни граници за присуство на PFAS во водата и рибите. Во некои случаи, регистрираните концентрации се 10.000 пати повисоки од препорачаните вредности, особено во Шведска, Германија и Шпанија.
PFAS хемикалиите се поврзани со различни здравствени проблеми, вклучувајќи рак, заболувања на црниот дроб, нарушувања на тироидната жлезда, висок холестерол, неплодност и развојни проблеми кај доенчињата. И покрај овие ризици, многу земји од ЕУ се обидуваат да го одложат воведувањето на построги регулативи до 2039 година.
Иако анализата вклучуваше само една од супстанциите PFAS, PFOS, резултатите покажуваат дека речиси сите примероци од седум европски земји (Австрија, Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија и Шведска) ги надминуваат безбедносните граници. PFOS веќе е идентификуван како потенцијален канцероген за луѓето.
Експертите предупредуваат дека вистинското ниво на загадување може да биде многу повисоко бидејќи постојат илјадници слични супстанции кои не се опфатени со тековниот мониторинг. Уште во 2022 година, Европската комисија предложи измени во законот што би вклучиле регулирање на целата група PFAS, но тој процес е забавен од политички притисок и обиди на државите да го одложат спроведувањето.
Претставниците на еколошките организации велат дека е крајно време да се воведат построги регулативи, особено кога станува збор за испуштање на индустриски отпадни води. Потребна е јасна политичка волја и итна акција за да се спречи понатамошно загадување на водата и синџирите на исхрана.
„PFAS се акумулира не само во водата и почвата, туку и во човечкото тело, загрозувајќи го здравјето на целото население. Игнорирањето на овој проблем води до долгорочни последици кои нема лесно да се поправат“, предупредуваат организациите EEB и Générations Futures.