Туристите кои сакаат да ја следат традицијата и да фрлат паричка во Фонтана диТреви во Рим ќе мора да издвојат дополнителни пари за тоа почнувајќи од денес, бидејќи градот воведува надомест од две евра.
Надоместокот, чија цел е да го ублажи прекумерниот туризам и да обезбеди средства за одржување на споменикот, се однесува само на посетителите кои се симнуваат по камените скали за да се приближат до базенот на фонтаната. Плоштадот што ја опкружува фонтаната и нуди поглед на обележјето ќе остане отворен за сите посетители бесплатно, објавува Ројтерс.
Влезницата ќе се наплаќа во работните денови од 11:30 до 22 часот, а за време на викендите од 9 до 22 часот. Според правилата првично објавени во декември, жителите на Рим, лицата со попреченост и нивните придружници, како и децата под шестгодишна возраст, ќе бидат ослободени од плаќање.
Фонтана ди Треви, во која посетителите традиционално фрлаат паричка за да се осигурат дека ќе се вратат во Рим, долго време е една од најпосетуваните атракции во градот, дури и меѓу светските лидери.
Таа е запаметена и по познатата филмска сцена од филмот „Сладок живот“ на Федерико Фелини, во која Анита Екберг влегува во фонтаната и го повикува својот партнер Марчело Мастројани.
Властите наведуваат дека повеќе од 10 милиони луѓе ја посетиле фонтаната во периодот од декември 2024 до декември 2025 година, што во голема мера се совпаднало со католичката света година, или јубилеј, која донела околу 33,5 милиони аџии во Рим.
Завршена во 1762 година, фонтаната е доцнобарокно ремек-дело кое го прикажува Океан, богот на сите води, како симбол на променливите расположенија на морињата и реките низ целиот свет.