Одлуката на Советот на јавни обвинители да ја одбие иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска не е само уште една институционална вест од правосудниот систем. Таа стана тест за тоа дали државата навистина има механизам што ќе ги штити обвинителите кога се политички таргетирани, или таквата заштита постои само на хартија. Советот денес едногласно заклучи дека нема докази за загрозување на професионалниот интегритет на Ристоска и дека нема надворешно влијание врз нејзината работа.
Ристоска, пак, одговори со многу поширока порака од лична реакција. Таа оцени дека со ваквата одлука Советот практично остава простор јавни прозивки, навреди и клевети кон обвинители да останат без институционална реакција, а новиот механизам што требало да ја штити самостојноста на обвинителите се покажал како формален, а не суштински. Нејзината оценка е дека обвинителите се оставени сами да се справуваат со засегнати страни и центри на моќ.
Суштината на спорот не е само во тоа дали некоја изјава е навредлива, туку дали јавниот говор на носители на политичка моќ може да создаде притисок врз обвинител што постапува во чувствителни предмети. Советот оцени дека наводите на Ристоска не биле доволно конкретизирани и дека јавните напади, иако несоодветни, не биле директно поврзани со нејзиното одлучување како обвинител. Со тоа, телото што по дефиниција треба да ја гарантира самостојноста на обвинителите испрати многу потесно толкување на тоа што е притисок од она што јавноста очекува од него.
Токму затоа случајот добива тежина што излегува надвор од личниот конфликт меѓу Ристоска и политичкиот врв. Во јануари таа го извести Советот повикувајќи се на новиот правилник за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, откако премиерот Христијан Мицкоски, како што наведе, изнел навреди и професионални дисквалификации и ја опишал како „медиокритет со клиентелистичко-политичка матрица“. Тогаш Советот отвори постапка за да утврди дали има основ за нејзината претставка.
Парадоксот е што самиот правилник, донесен во ноември 2025 година, надворешното нарушување на самостојноста го дефинира релативно широко: како постапување на лица надвор од обвинителството и Советот со кое се загрозува професионалниот интегритет на обвинителите и може да се оцени како нарушување на самостојното, непристрасно и законито вршење на функцијата. Ако ова е формалната рамка, тогаш одбивањето на претставката на Ристоска отвора сериозно прашање како Советот воопшто ќе реагира во иднина, ако јавно именување, навреди и дискредитации од позиции на политичка моќ не се доволни за да се препознае ризик за интегритетот на обвинителот.
Овој случај е незгоден за институциите и од уште една причина: доаѓа во момент кога власта зборува за нов закон за Советот на јавни обвинители, повеќе транспарентност, образложени одлуки и усогласување со европските стандарди. Само три дена пред одлуката за Ристоска, предлог-законот го помина првото читање во Собранието, со најава дека ќе се зајакнат довербата, мерит-системот и институционалната стабилност. Но кога првиот поголем јавен тест на системот завршува со порака дека навредите не се доволни за институционална заштита, тогаш реформската реторика лесно се судира со праксата.
Во таа смисла, случајот со Ристоска не е важен само поради неа. Тој ја отвора дилемата дали во Македонија обвинител може реално да очекува институционална заштита ако се најде под напад од политички центри на моќ, особено кога постапува во предмети со партиска тежина. Ако одговорот на Советот и во ваков случај е дека нема доволно конкретика, тогаш пораката кон обвинителите е јасна: формален механизам постои, но неговото активирање останува речиси недостижно. А тоа веќе не е проблем на една обвинителка, туку симптом на систем што сè уште не знае дали навистина сака независни обвинители.