Ристоска: Мицкоски испрати порака дека подобноста е примарна, тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество

Ристоска

Обвинителката Ленче Ристоска, која моментално е и обвинител за врски со Европравда (Eurojust), остро возврати на изјавата на Мицкоски дека таа „апсолутно не е во игра“ за да биде избор на Владата за државен јавне обвинител.

Таа нагласува дека исклучувањето на кандидат без анализа на неговата програма ги поткопува демократските вредности.

„Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност“, вели Ристоска во реакцијата.

Ристоска укажува дека професионалците во системот мора да знаат оти нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува.

„Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна, а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, вели Ристоска, која е и македонска обвинителка во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда (Еуроџаст / Европравда).

Главната причина за ваквиот став лежи во фактот што Ристоска е обвинителката која го застапува предметот „Талир“, кој се однесува на незаконското финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ и кој резултираше со замрзнување на партискиот имот, вклучувајќи го и седиштето на партијата. Нејзиниот избор на највисоката обвинителска функција би претставувал директна закана за интересите на владејачката гарнитура.

Изјавата на Мицкоски дојде во време кога постапката за избор на наследник на Љубомир Јовески влезе во клучна фаза откако Советот на јавните обвинители ги разгледа досиејата на пријавените кандидати. Од петмина пријавени, Советот достави позитивно мислење до Владата за четворица кандидати кои ги исполнуваат законските услови и поседуваат соодветен професионален интегритет. Сепак, еден кандидат беше експресно отфрлен поради недостиг на потребниот работен стаж.

Листата на кандидати која беше проследена до извршната власт ги вклучува:

  • Анита Тополова-Исајловска – актуелната вршителка на должноста државен јавен обвинител, која се смета за кандидат на континуитетот.
  • Ленче Ристоска – обвинителка во ОЈО Скопје и офицер за врски во Еуроџаст, позната по својата работа во поранешното СЈО.
  • Лидија Раичевиќ – обвинителка од скопското обвинителство со искуство во сложени предмети.
  • Ненад Савевски – судија во Основниот кривичен суд Скопје.

Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, беше едногласно одбиен бидејќи, иако има 12 години стаж, во моментот не врши функција на судија или обвинител, што е законски предуслов.

Зачлени се на нашиот е-билтен