ЏАБИР ДЕРАЛА
Ако сакате да видите кои се робови, а кои се слободни луѓе, гледајте ги нивните идеи и постапки.
Моќта, парите, позициите и титулите – не се богатство. И ни најмалку не значат дека тие што ги поседуваат се слободни битија. Напротив. Може да значи дека слободата има ниска цена за моќните и богатите. Или е нешто непознато. И дека може да се тргува со неа. Или да се преговара.
Напишани се илјадници страници за слободата. И уште толку да се напише, нема да биде доволно да се исцрпи безграничноста и значењето на тој поим. Убавината и возвишеноста.
Слободните луѓе се спокојни и силни од внатре, моќни и цврсти во својата суштина. Тие не се плашат самите себеси да се предизвикаат на двобој со и во мислите и убедувањата.
Слободните луѓе се надминуваат постојано, одат по острите рабови на амбисот на мислите и едрат низ ветровитите височини на духот. Тие се одважни и носат одлуки што изгледаат невозможно, дури и лудо. Создаваат и постојано ги преиспитуваат вредностите. Нивниот најсилен стремеж е да бидат човечки битија и постојано да сакаат да бидат повеќе човек, човечки и човечни. Тоа се слободни луѓе.
Слободата не се освојува, не се дава или подарува. За неа човек се бори. И кога се бори, тоа веќе значи дека е слободен. Нема цена слободата. И самиот живот е безначаен без слобода.
Извор: CivilMedia