Хакерите го нападнаа операторот на системот за пријавување и качување на патници, компанијата „Колинс Аероспејс“, предизвикувајќи сериозни прекини, доцнења и откажувања на летови во транспортните центри низ Стариот континент.
Компанијата соопшти дека „има технички проблем што може да предизвика доцнења“ како резултат на нападот, кој го оневозможи онлајн пријавувањето на аеродромите во Лондон, Берлин и Брисел.
Роб Џардин, директор за дигитални технологии во компанијата за сајбер безбедност NymVPN, објасни дека „Русија има една од најголемите хакерски групи во светот“ и претходно започнала саботажни кампањи против европските енергетски и телекомуникациски мрежи.
Руските хакери се познати по тоа што често ја таргетираат авиоиндустријата, а во 2023 година групите ги соборија веб-страниците на два британски аеродроми. Исто така, имаше шпекулации дека минатогодишниот глобален ИТ колапс бил извршен од тим хакери спонзорирани од Кремљ.
„Русија има една од најголемите хакерски групи во светот“
Зборувајќи за Дејли Меил за можноста Русија да стои зад нападот во петокот, Џардин рече дека „можеби е така“.
„Многу е веројатно Русија да стои зад ова. Разузнавачките служби низ Европа постојано објавуваат докази дека Москва спроведува саботажни кампањи поддржани од државата против енергетските и телекомуникациските мрежи“, истакна тој.
Русија има една од најголемите хакерски групи во светот, веднаш по Кина, а за Кремљ, сајбер-просторот стана нова фронтовска линија.
Според него, Студената војна никогаш навистина не завршила – таа само се преселила во дигитална инфраструктура што опфаќа цели континенти.
„Времето на нападот, кој се случи само неколку часа по пријавените руски упади во воздушниот простор на НАТО, само дополнително ќе го зголеми сомнежот“, рече тој.
Во петокот, три борбени авиони влегоа во соседна Естонија, а потегот беше осуден од американскиот претседател Доналд Трамп.