Нова, модерна и европска Струга, град кој нема да биде заробеник на партиски пазарења и криминални елити, туку општина со ред, дисциплина и развој. Тоа е визијата на независниот кандидат за градоначалник на општина Струга Роберт Милески, поддржан од Демократи.

За реализација на таквата визија, и како што вели, за младите да останат во Струга, ќе се посвети на отворање нови работни места, инвестиции во спортот и културата, но и развој на туризмот.
– Граѓаните треба да гласаат за мене, да заокружат 29, затоа што не должам ништо на партиите, мојата одговорност е само кон народот. Пресудно за мојата одлука да се кандидирам за градоначалник на Општина Струга беше токму одлуката на „големите“ партии, но со мали идеи, да не кандидираат свои претставници во Струга. Тогаш одлучив дека стружани заслужуваат на листата да имаат можност да заокружат и за градоначалник Македонец. Мојата независност може да биде само предност, бидејќи очекувам сите граѓани на Општина Струга да застанат зад мојата кандидатура, без разлика на партиска, верска, или етничка припадност. Бидејќи мојата најважна мисија е овде – во мојата Струга, изјави Милески.
Доколку ја добие довербата од стружани, најави олеснување на постапката за нови инвестиции со брзи дозволи и јасни правила.
– Ова вклучува комплетна дигитализација на целата општинска администрација, со која граѓаните преку едноставна апликација ќе имаат можност да аплицираат за барања од општината, а во секое време да им бидат на увид до каде се нивните предмети, истакна Милески.
Вети формираме бизнис-зона за мали и средни претпријатија, која ќе овозможи поврзување на младите со ИТ-компании и стартапи преку европски фондови и дигитални хабови.
– Од друга страна, во преговори сме со светски лидери во воена техника, кои се спремни дел од своето производство, како и нивниот истражувачки (R&D) оддел да го префрлат токму тука кај нас, во Струга, во Македонија. Почетната инвестиција би се остварувала фазно, со можност за над 2.000 работни места само во индустријата за дронови. Понатаму, работам на можноста Македонија да се најде на светската карта за изградба на дата-центри за обработка на податоци потребни за вештачка интелигенција, бидејќи тука мислам дека лежи македонскиот потенцијал. Ова вклучува можност за отворање на иновациски хаб во соработка со македонски универзитети, кој ќе отвори перспектива не само за младите од Струга, туку и за оние од Охрид и Дебрца, вели Милески.
Во областа на културата вети поддршка на локални уметници и културни иницијативи, проекции на најнови филмови, како и развој на театарската дејност. Вети програма за млади спортисти, развој на масовниот спорт, реновирање на спортски сали и игралишта…
– Ќе инвестираме во уредување на кејот и плажите, ќе поддржиме семејни хотели и ресторани, ќе развиеме пешачки и велосипедски патеки и ќе го промовираме селскиот и планинскиот туризам. Ќе креираме календар на културни и туристички настани за Струга да биде атрактивна цела година…, подвлече Милески.
Роберт Милески е дипломиран инженер по информатика. Дипломрал на Германскиот институт за информатика „Хасо Платнер“, како и Институтот за информатика при Универзитетот во Потсдам, и Фрај Универзитет Берлин. Својата кариера ја започнал во TÜV Rheinland, како шеф на одделот за информатика при Институтот за медицински и психолошки истражувања, потоа основал сопствена компанија „Introcode”, која работела за компании како Tecan од Швајцарија, водечки бренд во делот на медицински инструменти, како и за една од најголемите светски компании за музика – Universal Music, а последно со Tesla, SpaceX и Starlink на Илон Маск.