Робот преживеа 8 месеци под мраз и донесе редок примерок од Антарктик

Една робот-пловка Антарктик ја „проголта“ мразот и ја снема од радарите, па повторно се појави со податоци што научниците ретко ги добиваат: мерења од океанските слоеви под огромни лебдечки ледени полици, во зона што практично е недостапна за класични истражувачки бродови.

Станува збор за автономна Argo-пловка со сензори за температура и соленост, дел од истражување предводено од австралиската научна агенција CSIRO. Наместо планираната траса, струите ја одвлекле и таа, во период од две и пол години, собрала близу 200 „профили“ на океанот на патување долго околу 300 километри. Клучниот момент е што пловката поминала осум месеци под ледените полици Денман и Шеклтон, регистрирајќи ја водата од морското дно до самата основа на мразот, на секои неколку дена, без можност да излезе на површината и да пренесе сигнал.

Овие мерења, според CSIRO, го даваат првиот ваков „трансект“ под источна антарктичка ледена полица и отвораат директен прозорец во зоната каде што океанската топлина ја „јаде“ основата на мразот. Податоците сугерираат дека Шеклтон, засега, не е изложен на доволно топла вода што би го топела оддолу. Но кај Денман – глечер со потенцијал од околу 1,5 метри придонес во глобалниот пораст на морето ако би се дестабилизирал – е регистрирано присуство на потопла вода под мразот, што, со мали промени во тенкиот „граничен слој“, може да го забрза топењето.

Истражувањето е поврзано со научна публикација во Science Advances и веќе се чита како аргумент дека за најголемите неизвесности во проекциите за морското ниво не недостигаат модели, туку директни мерења од најкритичните места.

Зачлени се на нашиот е-билтен