Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Родителите гневни: Децата со посебни потреби без асистенти, министерката лажно информира

Родителите на деца со посебни потреби се гневни и разочарани од состојбата со образовните асистенти на почетокот на учебната година. Зоран Мијалков, татко на дете со посебни потреби, во својот јавен статус на социјалните мрежи ја обвини министерката за образование за ширење невистини пред јавноста. Според Мијалков, министерката изнесувала неточни информации за состојбата со асистентите, и тоа во присуство на премиерот.

„Министерката за образование лаже. Без срам и перде лаже. Лаже пред јавноста плус стои до премиерот и лаже“, пишува Мијалков во својот статус, истакнувајќи дека асистентите од денес се под заводот за вработување и дека немаат потпишано договори.

Како резултат на ова, Мијалков нагласува дека многу деца, вклучувајќи го и неговиот син кој ја има истата асистентка веќе три години, не можеле да следат настава на првиот училишен ден и биле приморани да се вратат дома.

„Нашите деца се вратија дома на првиот училишен ден и ќе седат дома затоа што без асистентите кои со години ги имаат, нашите деца не можат да следат настава“, додаде тој.

Овој статус на Мијалков предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, при што многу родители и поддржувачи го изразија своето незадоволство од начинот на кој се третираат децата со посебни потреби во образовниот систем.

Зачлени се на нашиот е-билтен