На деветтиот по ред „Марш за ангелите“ кој почна во 18 часот и пет минути, заради симболизирање на задоцнетото дејствување на институциите во справувањето со трагедијата, родителите порачаа „Не ги убивајте нашите деца уште еднаш“.
Ние тука родителите не сме правници, соопштението од јавниот обвинител ни беше даден по членови, од закони, од Кривичен законик, ништо не разбравме, освен тројцата градоначалници и обезбедувањето другите не сфативме кои се, вели на денешниот Марш за ангелите мајка на загинато дете во трагедијата во Кочани.
„Ние родителите сметаме дека е од суштинско значење ОЈО Кочани конечно целосно да не запознае со содржината на истражната постапка и обвинителниот акт, кои лица се опфатени и кои лица се изземени од одговорност. Неприфатливо е за нас како родители да добиваме информации преку медиуми или неофицијални канали. Очекуваме транспарентност и директна комуникација со институциите. Имаме право да знаеме, како родители, како оштетени и како граѓани. Посебно загружува фактот што и покрај нашите укажувања и конкретни наоди одредени лица не се повикани ниту на распит. Барањето официјално ќе ви биде доставено во понеделник. Нашата болка е тешка но нашата борба е праведна. Бараме одговорност и вистина, не само поради нас, туку заради и иднината никогаш да не се повтори ваквата трагедија“, рече Марија Петрушевска мајка на Андреј Панов.
Тие вчера упатија и Јавен повик до Основото јавно обвинителството и до сите други институции, дека бараат правда за 62 невини животи.
Јавниот повик е адресиран до: Основното јавно обвинителство, Јавно обвинителство на РСМ, надлежните институции, домашни и странски медиуми, јавноста.
Ова не е обичен апел. Ова е повик од дното на нашата болка и достоинство. Од срцата на родители кои ги изгубија своите деца, од гласот на оние што ја живеат најстрашната верзија на македонската реалност: држава без правда, систем без морал и институции без совест.
На нашата прва средба со надлежните обвинители, поставивме само едно прашање:
Дали ги имате снимките од ноќта на 16 март?
Одговорот беше: “Да, ги имаме, се прегледуваат.” Но до денес, ниту една снимка не е презентирана пред јавноста, ниту се употребени како клучен доказ. Поставуваме прашања, но добиваме молк.
Во ваши раце не е само истрага – во ваши раце се 62 невини души.
Од вас бараме чесност, храброст и правда. Но, наместо тоа, гледаме како истрагата се развлекува, како бројот на осомничени се намалува – од 72, на 30, па сега и помалку. А уште полошо:
Осомничените што беа во притвор – денес се дома, слободни. Дел од нив, според информации што кружат во јавноста и меѓу родителите, се ослободени со мито.
Со пари, врски, закани – се спасуваат виновниците.
Почитувани обвинители, ако не сте способни, ако стравот ви е поголем од правдата – отстапете го случајот на некој што ќе работи чесно. Ние не се плашиме. Ние веќе го изгубивме најскапоценото – нашите деца. Ништо не може да нè заплаши повеќе.
Ние, родителите, сме подготвени да го дадеме сѐ – пасошите, куќите, колите, животите, само да ја видиме правдата исполнета. Но ни тоа нема да ги врати. Единствено што останува е барањето:
вистина, отчет и одговорност.
Бараме:
1. Јавно презентирање на сите видео-докази од таа вечер.
2. Објаснување зошто притворените осомничени се пуштени – и кој ја дозволил таа одлука.
3. Да се врати бројот на осомничени како што беше на почетокот – 72.
4. Да се оддалечат сите обвинители кои покажаа политичка вмешаност, конфликт на интереси или несоодветна пасивност.
5. Да се вклучат независни меѓународни набљудувачи и истражители.
Ова не е политичка борба. Ова е борба на родители што бараат правда за своите деца.
Ова е обид последната надеж – правниот систем – да не се претвори во уште една гробница за вистината.
Не ги убивајте уште еднаш нашите деца – со молкот, со корупцијата и со селективната правда.
Доста е.
Со болка, но со непокорна решеност,
Родителите на 62-те ангели