Родителите на децата починати во „Пулс“ до Коцевски: Се сомневаме дека вашата постапка е резултат на силен политички или друг вид на притисок од лица кои стојат зад овој случај

Родителите на децата починати во “Пулс” пред Судот во Кочани му се обратија на обвинителот Љупчо Коцевски, барајќи од него целосно презентирање на сите докази, јавна одговорност во пропустите во обвинителниот акт, проширување на обвинението и кон други вмешани лица, итно преиспитување на решението за домашен притвор и обезбедување на еднаков третман на сите осомничени. Се сомневаме дека вашата постапка е резултат на силен политички или друг вид на притисок од лица кои стојат зад овој случај. Колку и да се обидувате да ја скриете вистината таа ќе излезе на виделина.

„Се сомневаме дека вашата постапка е резултат на силен политички или друг вид на притисок од лица кои стојат зад овој случај. Колку и да се обидувате да ја скриете вистината таа ќе излезе на виделина. Дали вие, (Коцевски), премиерот, претседателката на Републиката, претседателот на Собраието, претседателот на Судскиот совет и сите носители на највисоки функции, досега не се запрашавте дека од 16.03.2025 година повеќе немате функција, вие имате мисија, дали оваа држава ќе постои или ќе ја снема, затоа што државата беше без вистински правен порердок, без здравствен систем, кој го спасува животот на граѓаните, без образование кое гради иднина, тоа не е држава. А одговорноста за тоа денес и утре ќе носите токму вие, затоа што молчевте кога требаше да зборувате и бегавте кога требаше да застанете пред народот. Историјата нема да ве прашува кои функции ги извршувавте туку, дали ја исполнивте мисијата, да ја сочувате државата и да го вратите достоинството на нејзините граѓани“, рече рече Мита Тасева, мајка на починатиот диџеј Стефан Цеце Тасев.

Родителите повикуваа на храброст и ‘издигање над партиските интереси и личните калкулации’, бидејќи само ‘тогаш имате можност да влезете во историјата како луѓе кои ја спасија татковината’.

„Изборот е ваш, дали ќе бидете гробари на државата или нејзини спасители. Нашите деца заслужуваат правда, ние нема да молчиме и нема да се помириме“, рече Тасева.

Родителите потенцираа дека и трошката надеж дека ќе ја видат правдата, со постапките на Коцевски и со поднесениот обвинителен акт, целосно ја изгубиле.

„Наместо вистина и целосна одговоност се сведовме на пропусти и прикривања. Ние родителите сме принудени сами да го анализираме обвинителниот акт во детали и да укажуваме на вашите грешки. Тоа претставува јасен доказ дека правдата не е на страна на жртвите туку на страната на виновниците. Особено поразително е што дел од осомничените се со мерки на претпазливост. Секојдневно сме приморани да ги гледаме како се движат слободно низ нашиот град, низ нашите маала, како да не се случило ништо. Тие лица си ја купија својата слобода со пари, живеат без никакви ограничувања, додека ние жртвите сме осудени на доживотна болка и загуба. Прашуваме што ќе биде со тие лица, дали правдата важи за оние кои немаат пари и врски и дали ние треба да платиме за да ни се вратат нашите деца и која е цената на нашите деца. Ова е навреда за правдата и за целиот правен систем. Ваша должност е да обезбедите еднаков третман пред законот а не да создавате систем во кој богатите и влијателните се неприкосновани. Свесни сме дека постојат уште докази против други лица кои намерно не ги изнесувате. Со тоа не само што ја попречувате правдата, туку сторувате и кривично дело согласно Кривичниот законик. За тоа ќе има одговорност“, порачаа родителите на децата.

Зачлени се на нашиот е-билтен