Родителите наместо да навиваат направија етнички тензии во Штип

Натпревар од младинската Суперлига во Штип меѓу „Брегалница“ и „Шкупи“ заврши со инцидент и напнатост на трибините, откако дел од родителите на гостинските фудбалери влегоа на терен и физички нападнаа неколку млади играчи на домашниот тим. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и ФК „Брегалница“ инцидентот го осудија со најостар тон, а МВР потврди дека е уапсено едно лице.

„Инцидентот е целосно неприфатлив и претставува грубо нарушување на спортскиот дух, фер-плејот и безбедноста на младите спортисти,“ соопшти ФФМ, додавајќи: „Длабоко сме вознемирени што едно од децата претрпе сериозни повреди и скршеници. Ќе поведеме дисциплинска постапка против ФК ‘Шкупи’ и одговорните лица, а сторителите ќе се соочат со соодветни санкции. Со насилство, на било кое ниво, нема компромис.“ Федерацијата најави и дополнителни превентивни механизми во координација со надлежните институции „за нормално одвивање на натпреварите и заштита на малолетните спортисти“.

Реагираше и „Брегалница“: „Спортот мора да биде колевка на почит и здрави навики. Апсолутно е недозволиво родител или кој било друг да биде причина млади деца да завршат повредени. Ќе бараме максимални санкции и институционална реакција за ваквата слика никогаш да не се повтори,“ порача клубот, апелирајќи сите спортски чинители јавно да застанат против насилството.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека 43-годишен родител на фудбалер од „Шкупи“ физички нападнал двајца малолетни играчи на „Брегалница“ за време на натпреварот на игралиштето „Бело Брдо“. „Двајцата малолетници беа пренесени во Клиничката болница во Штип за укажување помош, а напаѓачот веднаш беше уапсен од полициските службеници од СВР Штип,“ соопшти МВР.

Инцидентот предизвика силни реакции во јавноста и предупредувања дека поединечни испади лесно можат да прераснат во етнички тензии. ФФМ најави дека ќе го засили присуството на редарски служби, протоколите за безбедност и комуникацијата со клубовите и родителите, за младинските натпревари да останат место за фер-игра, а не за немили сцени.

Зачлени се на нашиот е-билтен