Родителите од „Пулс“ сè уште без одговори за обдукциите

По повеќе од една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, дел од родителите на загинатите денеска повторно побараа одговори од институциите, но и натаму остануваат без увид во обдукциските наоди. Тие утрово беа во Судска медицина во Скопје, каде што, според нивните изјави, добиле само потврда дека биле направени токсиколошки анализи, додека резултатите не им биле соопштени.

Александар Наунов, татко на една од жртвите, изјави дека на семејствата им било објаснето оти целата документација е предадена во Обвинителството и дека за наодите ќе треба да се чека судската постапка. Родителите велат дека ни по денешната посета не добиле конкретен одговор за причините за смртта на нивните најблиски, туку само информација дека анализите постојат.

Денешната посета следува по повеќедневен притисок од семејствата, кои јавно бараа да им се одговори дали биле направени токсиколошки испитувања, дали било проверувано присуство на цијаниди и што точно покажуваат анализите. Во претходните јавни настапи тие обвинија дека институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, додека семејствата и натаму се без целосна слика за тоа како починале жртвите.

Случајот повторно ја отвори болната тема за институционалната комуникација со семејствата во истрагата за „Пулс“. Наместо конечни одговори, родителите засега добија само потврда дека токсиколошки анализи имало, а вистината, според она што им било кажано, ќе ја бараат во судница.

Зачлени се на нашиот е-билтен