Родителот кој вчера нападна двајца 15 годишни фудбалери на штипска „Брегалница“ оди во осумдневен притвор, синот исклучен од ФФМ

Осум дена притвор доби 43 годишниот родител од Скопје, кој вчера на фудбалскиот натпревар на фудбалерите од генерација 2009-2010 година меѓу клубовите „Шкупи“ и „Брегалница“ на стадионот „Бело Брдо“ во Штип физички напдна двајца малолетни фудбалери. Синот фудбалер од „Шкупи“ беше казнет со исклучување од фудбалската организација.

Судијата на претходна постапка и воедно и портпарол на Основниот суд во Штип, Сашко Георгиев за меидумите потврди дека на лицето А.А од Скопје му е одредена мерка притвор од осум дена, по што по скратена постапка ќе следи и судење. Осомниченото лице ќе се спроведе во затворот во Куманово. 

Претходно јавноста беше информирана и дека Основното јавно обвинителство -Штип денеска поведе итна постапка против едно лице за кривично дело – Насилство од член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

„Осомничениот извршил грубо насилство на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ и „Шкупи“. Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на „Брегалница“, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв, се вели во соопштението од Обвинителството. 

Настанот се случил во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за „Шкупи“. 

„Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на „Брегалница“. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, пишува во соопштението од Обвинителство. 

Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во текот на денот треба да ја објави и одлуката, какви дисциплински мерки ќе бидат покренати за овој немил настан во Штип. 

Зачлени се на нашиот е-билтен