Кинеските власти побарале од нивните ирански колеги да помогнат во зауздувањето на нападите врз бродовите во Црвеното Море од страна на Хутите поддржани од Иран или ризикуваат да им наштетат на деловните односи со Пекинг, изјавија за Ројтерс четири ирански извори и дипломат запознаен со ова прашање.
Разговирите за нападите и трговијата меѓу Кина и Иран се одржале на неколку неодамнешни состаноци во Пекинг и Техеран, велат иранските извори за агенцијата, одбивајќи да дадат детали за тоа кога се случиле или кој присуствувал.
„Во основа, Кина порачала: ‘Ако на било кој начин се наштетат нашите интереси, тоа ќе влијае на нашиот бизнис со Техеран. Затоа кажете им на Хутите да покажат воздржаност’“,рекол еден ирански функционер информиран за разговорите, кој зборуваше за Ројтерс кој побарал да не биде именуван.
Нападите, за кои Хутите велат дека се во поддршка на Палестинците во Газа, ги зголемија трошоците за превозот и осигурувањето и се заканија да ја прекинат клучната трговска рута меѓу Азија и Европа, која нашироко ја користат бродовите од Кина.
Кина е најголемиот трговски партнер на Иран во изминатата деценија, но нивните трговски односи се нејасни, пишуваат од Ројтерс.
Кинеските рафинерии на нафта, на пример, купија над 90% од иранскиот извоз на сурова нафта минатата година, според податоците за следење на танкерите од фирмата за трговска аналитика Кплер, бидејќи санкциите на САД кон Иран станаа пречка за останатите клиенти со што кинеските фирми направија големи профити од попустите на иранските трговци со нафта.