Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас смета дека политичките страни во Македонија треба да се обединат за да ги спроведат уставните измени за внес на Бугарите во него – обврска која ја презеде државата за да го продолжи европскиот пат.
На заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, одговарајќи на новинарско прашање ја цитираше претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен.
-Кога претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен беше тука, на истава оваа говорница таа кажа јасна порака и би сакал да ја цитирам. Прво, имаше дискусија за одличната соработка и таа секако се заблагодари на Северна Македонија за тоа. И потоа цитирам: „Имаме јасна цел тоа да се отвори, Кластерот Основи што е можно побрзо, речиси сме стигнати до таму. Знаеме дека се работи за уставните измени коишто вашата земја се обврза да ги спроведе. Сега, потребни ни се заеднички напори, соработка и дијалог и се надевам дека сите политички страни во земјата ќе се обединат и ќе го преземат овој решителен чекор нанапред.“ И потоа продолжи дека е уверена исто како што кажа и премиерот дека можеме да ги надминеме пречките коишто се сѐ уште таму и коишто сѐ уште таму постојат, рече Рокас