Советникот на гувернерот на Националната банка на Романија, Кристијан Паунеску, повика Москва да го врати златото предадено на чување пред еден век, велејќи дека тоа е морална должност кон романскиот народ.
Романија повторно го покрена едно од најстарите и најчувствителни прашања во односите со Русија – враќањето на 91,5 тони злато испратени во 1916 година на чување во царска Русија, кои никогаш не биле вратени.
Според проценките, вредноста на златото денес изнесува околу 8 милијарди евра, објави Digi24.ro.
Историски, златото било префрлено во Москва во екот на Првата светска војна, кога германските трупи ја окупирале Романија. Заедно со националните резерви, во Русија бил испратен и културен имот, меѓу кој кралски накит и архиви.
„За нас, враќањето на златото е морална обврска кон нашите предци и идни генерации. Не се откажуваме од ова барање,“ изјави Паунеску.
Иако во 2003 година Русија и Романија формираа заедничка комисија за разгледување на прашањето, преговорите се замрзнати, особено по руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Европратеникот Еуген Томац минатата година поднесе иницијатива во Европскиот парламент со која се бара од Русија официјално да го врати златото. Предлогот беше усвоен со поддршка од сите политички групи.
Една од можните опции, според Паунеску, би била користење на дел од замрзнатите руски средства во Европа како компензација. Засега, ЕУ дозволува само приходите од камати на овие средства да се користат за помош на Украина.
Романското Министерство за надворешни работи соопшти дека прашањето останува отворено и ќе се разгледува преку постојните механизми, кога ќе го дозволат политичките околности.