Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Роми, луѓе од рурални области, корисници на дроги, сиромашни, сексуални работници и други сè уште се соочуваат со кршење на човековите права и со пречки при барање на правдата

Ромите, луѓето кои живеат во руралните области, лица и семејства кои се соочуваат со сиромаштија, луѓе кои употребуваат дроги, сексуални работници и други се уште се соочуваат со кршење на човековите права и со пречки при барање на правдата. Ова меѓу другото беше кажано од Љиљана Ристевска, извршна директорка на Фондацијата отворено општество – Македонија, на денешната завршна конференција на проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните”, што со финансиска поддршка на Делегацијата на Европската Унија бил имплементиран во периодот од јануари 2022 до јули 2023 година.

Проектот бил спроведуван од ФООМ во партнерство со Станица ПЕТ од Прилеп и Здружението ХОПС од Скопје.

– Кризите со кои во изминатиот период се соочи светот, но и нашето општество, дополнително придонесоа кон зголемување на несигурноста кај граѓаните и долгорочни последици со кои се соочуваме и ќе се соочуваме во иднина. Овие кризи не само што го доведоа во прашање здравјето, социјалната благосостојба и заштитата на човековите права, туку ја зголемија и постоечката нерамнотежа во која се наоѓаат сиромашните  и маргинализираните заедници, рече Ристевска. 

Таа појасни дека правното зајакнување на граѓаните било еден од суштинските елементи на проектот. Но особено важни биле параправниците кои во изминатите месеци работеле со лица кои употребуваат дроги, сексуални работници, Роми, лица од рурални средини и други ранливи групи. Параправниците биле секојдневно на терен и им помагале на граѓаните во остварување на човековите права и надминување на правните проблеми.

Како резултат на посветеноста на параправниците и правниците, додаде, биле обезбедени повеќе од 5000 услуги за најранливите граѓани. Обезбедените правни совети и параправни информации им помогнале на граѓаните кои се соочиле со прекршување на правата. Биле подготвени барања и ургенции до надлежните институции за случаите во кои било утврдено системско прекршување на човековите права и бил подготвен извештај во кој се презентирани најчестите прекршувања на човековите права на целните групи.

Дополнително, во рамки на проектот биле организирани едукативни сесии и била поддржана мобилната канцеларија за параправна помош преку која на лицата од рурални средини им се олеснувал пристапот до правда. Се зголемила информираноста, како луѓето да препознаат и каде да се обратат доколку им се прекршени правата. Преку обуки биле зајакнати капацитетите на граѓанските организации и институциите кои обезбедуваат услуги за маргинализираните граѓани.

Ристевска се  заблагодари на Делегацијата на Европската Унија за поддршката во процесот на имплементација на проектот, на министерствата за правда и за труд и социјална политика и граѓанските организации кои биле вклучени во обуките и пред сè на параправниците, кои биле на терен и им помагале на граѓаните.

Тона Карева, авторка на Извештајот за најзначајните проектни постигнувања и најчестите прекршувања на човековите права идентификувани во рамки на проектот, појасни дека извештајот е од два дела, во првиот се најзначајните проектни достигнувања а вториот се однесува на најчесто прекршуваните права кај маргинализирани групи. Таа рече дека луѓе што употребуваат дроги, сексуални работници и работнички и други маргинализирани групи, Роми и луѓе од рурални средини, секоја од овие маргинализирани групи се соочува со специфични потреби и специфични прекршени права, во зависност од состојбата во која живеат и проблемите со кои се соочуваат. За лицата што употребуваат дроги, таа појасни дека се соочуваат со отежнат пристап до здравствена заштита и отежнат пристап до лекување од зависности, сексуални работници и работнички се исто со отежнат пристап до здравствена заштита и вадење лични документи, несоодветен пристап и третман од страна на институции особено од полиција. Маргинализирани од рурални средини се соочуваат со тешка достапност до институции, несоодветна инфраструктура, соочување со диви депонии и загадување на животна средина.  Стигма и дискриминација кон ромско население.

Христина Василевска Димчевска, координаторка на проектот, ФООМ, рече дека сите овие групи се подеднакво маргинализирани. Но, на различен начин. 

Весна Наковска, раководител на одделението за бесплатна правна помош при Министерството за правда, изрази благодарност до сите со кои се соработувало во изминатиот период, а со цел да се подобри пристапот до правда на маргинализираните.

– Свесни сме дека сиромашните и ранливите групи се уште се соочуваат со проблеми и предизвици. Постојат голем број на недостатоци што треба да се надминат. Системот на бесплатна правна помош како единствен препознаен од државата, можеби не е совршен, но сепак се трудиме колку можеме, да го прилагодиме на потребите на граѓаните, рече Наковска. 

Таа појасни дека со новиот закон за бесплатна правна помош, кој почна со примена во октомври 2019 година, се бележи значително подобрување и зголемување на пристапот до правдата.

– Наша обврска како Министерство за правда е на сите граѓани да им обезбедиме соодветни независни и непристрасни судски механизми. Нашата цел е, правната помош да ја добијат граѓани кои се во тешка финансиска состојба, појасни таа, осврнувајќи се и на заложбите и преземените чекори  за надминување на проблемите од оваа област, рече Наковска, нагласувајќи дека Министерството беше партнер во обезбедувањето на пристапот до правдата.

Таа порача дека сите сме еднакви и заслужуваме правда. 

– Ако правдата не е достапна за сите, тогаш таа не е право, туку привилегија. Нееднаквиот пристап до правдата е неправда. Затоа, мојот апел е, да се трудиме сите за поголем пристап до правдата и на сите граѓани, истакна Наковска.

Хајди Штерјова Симоновиќ, извршна директорка на ХОПС, Опции за здрав живот Скопје, рече дека главното мото на овој проект како и на претходниот, е „Правдата не е привилегија”. Таа појасни дека пристап до правда е широк поим и тоа  не е само обезбедување на адвокат, туку подразбира пристап до право на лекување, до социјални права, па дури и пристап до можност да се стигне до најблискиот град од рурална средина, за да се побара остварување на правата. 

Константин Јовановски, програмски офицер во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, рече дека со овој проект целта била да се олесни пристапот до правдата. Тој изрази уверување дека нема да се запре овде.

На конференцијата беше кажано дека маргинализираните групи се соочуваат со специфични потреби и проблеми, неопходно е да се работи на зајакнување на капацитетите, за континуирано надминување на тие проблеми. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен