„Tоа отсекогаш беше ветување на Европската Унија. Но, можевме да видиме во текот на изминатите години дека тоа ветување не беше исполнето и од двете страни. Значи, го имаме овој моментум за проширувањето и мислам дека мора да го одржиме“, изјави Ропке во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), чија членка е и државната агенција МИА заедно со уште 24 новински агенција од цела Европа.
Според Ропке, затоа Комитетот става значаен акцент и приоритет на проширувањето, со поттик за активно вклучување на претставници на граѓанското општество од земјите кандидатки во спроведувањето на реформите, што е предуслов за членство врз пристапот базиран на заслуги.
„Сите го прифаќаат овој пристап. Сега ни треба и силна политичка волја. Го гледам тоа и можам само да кажам дека ЕЕСЦ е апсолутен поддржувач на оваа идеја“, потенцира Ропке.
За остварувањето на таа цел, според Ропке, ЕЕСЦ ја има Иницијативата на членки од кандидатите за проширување, и повеќе специфични тела, како заедничките консултативни комитети, преку кои се воспоставува структурирана соработка меѓу социјалните партнери, граѓанското општество и владите, како тела за следење на состојбите, но и за формулирање препораки за процесот на проширување.
„Мислам дека преку нашата работа постигнавме конкретни подобрувања“, додава Ропке.
Интервјуто во кое Ропке, меѓу другото, говори и за соработката на Комитетот со цивилниот сектор од земјите кандидати за членство, за постигнувањата на ЕЕСЦ и за неговите ставови кон трговската и социјалната политика на ЕУ, МИА во целост ќе го објави утре.