На Денот на рударите – 28 август – во Македонија традиционално се честита здравје под заштитата на Мајка Богородица, а рударите во Македонска Каменица го слават празникот како свој голем ден. Во поздравите на нивните професионални здруженија често стои „нека Мајка Богородица ги заштити сите рудари“, симболика што се пренесува од генерација на генерација.
Историјата на рударството во Македонија
Рударството, пак, овде има подлабоки корења од било кој празник. На јужните падини на Кожув, во легендарниот Алшар, уште во XV век се ваделе арсен и суровини богати со талиум; токму тука е минералот лорандин – реткост што служи како „природен детектор“ за соларни неутрина и денес е научен куриозитет од светски калибар.
Од истокот на земјава, рубинот од белите мрамори на Сивец кај Прилеп – единствен извор на природен рубин на копнената Европа – периодично станува хит меѓу колекционерите и јувелирите, иако домашната регулатива сè уште тешко го „фаќа“ во систем.
Современата мапа на македонските рудници изгледа вака: САСА во М. Каменица (олово-цинк) со околу 800 илјади тони руда годишно; Злетово и Тораница (олово-цинк) во Кратовско-Злетовскиот вулкански појас; Бучим и наследникот Боров Дол (бакар со злато) кај Радовиш; Еуроникел во Кавадарци (фероникел) поврзан со рудникот Ржаново преку „најдолгиот лентов транспортер“; а на хоризонтот стои и чувствителниот проект Иловица-Штука (бакар/злато).
Што вреди рударството?
Колку тоа вреди за економијата? Проценките велат дека рударството носи околу 2% од БДП, над 8.000 директни работни места со плати над просекот во неколку индустрии; Бучим сам вработува околу 650 луѓе, а Боров Дол додаде уште стотици. Но, бенефитите се нерамномерни и силно циклични – зависни од цените на металите и од зрелоста на експлоатација.
Цената која ја плаќаме
Цената за околината е посебна приказна. Историјата не штеди примери: во август 2003 дел од јаловиштето на САСА се урна и нанесе обемен проток на јаловина по Каменичка Река до Калиманци; научните анализи и по една деценија бележеа тешки метали во седиментите.
Само ова лето (2025) локалната јавност алармираше за истекување од јаловиштето кај Тораница – компанијата тврдеше дека нема влијание врз водоснабдувањето, но локалните активисти и понатаму бараат независен мониторинг. Ова не се „инциденти од вчера“ – регистрите на банки за развој и академски трудови одамна го посочуваат истокот како жешка точка за кадмиум, олово и нитрити во сливовите, ако пробате сами да истражувате без нас медиумите да ве алармираме, ќе видите дека ова се точки на загадување кои ќе носат канцери на генерации кои доаѓаат по вас.
Кога локалните заедници велат „стоп“ – политиката мора да слуша. Казандол стана синоним за граѓанска мобилизација: во 2017–2018 на која ѝ претходеа успешни референдуми против рудници во Гевгелија, Богданци и Дојран.
Владата на СДСМ во март 2018 ја раскина концесијата со „Сардиќ MC“, а инвеститорите отворија арбитража пред ИЦСИД. Во август 2025, Скопје објави дека ја добило арбитражата и дека ќе избегне обесштетување – епилог што го поздравија и дел медиуми и поранешни функционери иако на темава продолжува политичка контраверзија околу тоа кој што направил.
Дали државата постави стандарди кои реално го штитат нашето право на здрава животна средина?
На хартија – да: законите бараат ОВЖС/ЕИА постапки, мониторинг, планови за управување со јаловишта. Практиката, меѓутоа, упорно покажува „дупки“ – од старите јаловишта без доволна санација до неусогласени базни мерења за квалитет на води, на што укажуваат и европските банки во своите додатни студии.
Нова политичка променлива е што Македонија доби посебно Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Министерката Сања Божиновска доаѓа со биографија од енергетски консалтинг и дипломи во Прага и Гронинген; јавните настапи ѝ се фокусирани на новиот Закон за енергетика, на ЕУ-усогласување, на гаранции на потекло и поврзување со европскиот електроенергетски пазар до 2026/27.
За рударството директно зборува поретко – главно во контекст на уредување на секторот и зелената транзиција или кога вчера доделуваше благодарници. Паралелно, врз неа падна и медиумско внимание за двојно (непријавено) државјанство, што го претставија бугарски медиуми; официјални докази за „задни економски намери“ засега нема.
Ако рударството е столб на региони како Каменица, Пробиштип, Радовиш и Кавадарци, тогаш „заштитата“ не смее да е само молитва и добри желби. Потребни се три конкретни потези:
— транспарентни, јавни базни мерења (вода, почви, седименти) пред секоја фаза и онлајн објава на податоците;
— обврска за модерни јаловишта со независен аудит и симулации на екстремни настани;
— фер распределба на рударската рента за локалните заедници, врзана со измерени еколошки ризици.
И да, важи и обратно: државата да каже чисто што добиваме ние – колку работни места и колку данок останува дома, наместо да повторуваме маркетинг-фрази за „стотици милиони инвестиции“. Во спротивно, секое следно „Казандол“ ќе завршува на плоштад и во арбитража.
На крајот, додека рударите свечено се прекрстуваат, а селските цркви ја пеат Богородичната песна, од Владата се очекува поинаква литургија: доследно право и силна наука.
Само тогаш „Богородица ги штити рударите“ ќе значи дека и државата нè штити нас – од тивките жици на тешките метали во почвата, од калливите води зад јаловиштата и од уништување на правото на здрав живот.
Рудари среќно! Македонијо уште посреќно! Нека е честит празникот на тие кои го чествуваат.