Се проценува дека Русија ја снабдувала Северна Кореја со повеќе од милион барели нафта од март оваа година, според анализата на сателитски снимки од Open Source Centre, непрофитна истражувачка група со седиште во Велика Британија.
Нафтата е плаќање за оружјето и војниците што Пјонгјанг ги даде на Москва за да ја помогне нејзината војна во Украина, изјавија за Би-Би-Си водечки експерти и министерот за надворешни работи на Велика Британија, Дејвид Лами.
Овие трансфери ги прекршуваат санкциите на ОН, кои им забрануваат на земјите да и продаваат нафта на Северна Кореја, освен во мали количини, во обид да ја задушат нејзината економија за да ја спречат понатаму да развива нуклеарно оружје.
Сателитските снимки, споделени исклучиво со Би-Би-Си, покажуваат повеќе од десетина различни севернокорејски танкери кои пристигнуваат на нафтениот терминал на Далечниот Исток на Русија вкупно 43 пати во последните осум месеци.
Понатамошни слики, направени од бродовите на море, се чини дека покажуваат како танкери пристигнуваат празни и заминуваат речиси полни.
Северна Кореја е единствената земја во светот на која не ѝ е дозволено да купува нафта на отворен пазар. Бројот на барели рафинирана нафта што може да ги прими е ограничен од Обединетите нации на 500.000 годишно, што е многу под количината што ѝ е потребна.
Руското Министерство за надворешни работи не одговори на барањето за коментар од Би-Би-Си.
Првиот трансфер на нафта, документиран од Центарот е на 7 март 2024 година, седум месеци откако за прв пат се покажа дека Пјонгјанг испраќа оружје на Москва.
„Додека Ким Јонг Ун му обезбедува спас на Владимир Путин за да ја продолжи својата војна, Русија тивко ѝ обезбедува на Северна Кореја спас“, вели Џо Бирн од Open Source Centre.
„Овој постојан проток на нафта ѝ дава на Северна Кореја ниво на стабилност што го немаше откако беа воведени овие санкции“.
Четворица поранешни членови на панелот на ОН одговорен за следење на санкциите кон Северна Кореја изјавија за Би-Би-Си дека трансферите се последица на зголемените врски меѓу Москва и Пјонгјанг.
„Овие трансфери ја поттикнуваат воената машина на Путин – ова е нафта за проектили, нафта за артилерија и сега нафта за војници“, вели Хју Грифитс, кој ја водеше комисијата од 2014 до 2019 година.
Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами изјави за Би-Би-Си: „За да продолжи да се бори во Украина, Русија се повеќе се потпира на Северна Кореја за војници и оружје во замена за нафта“.
Тој додаде дека тоа „има директно влијание врз безбедноста на Корејскиот полуостров, Европа и Индо-Пацификот“.