Русија го нападна Киев со балистички ракети

Руските сили го нападнаа Киев со балистички ракети. Во главниот град и во голем број други области е прогласена воздушна тревога, пишува Украинска правда.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, го потврди нападот. „Експлозии во главниот град. Киев е под балистички напад. Силите за воздушна одбрана дејствуваат. Останете во засолништата!“, рече Кличко.

Тимур Ткаченко, началникот на градската воена администрација на Киев, исто така, објави дека „е во тек непријателски напад со балистички ракети“. Украинските воздухопловни сили објавија дека „брзо се движат воздушни цели над Черниговската област кон Киевската област, а потоа и кон самиот главен град“.

Најмалку еден округ во Киев остана без струја веднаш по нападот. Државниот оператор „Укренерго“ претходно денес објави дека енергетскиот систем на Украина останува под огромен притисок, при што нуклеарните централи се делумно исклучени од мрежата по масовниот руски напад врз клучната инфраструктура во ноќта меѓу 7 и 8 февруари.

Ситуацијата е особено тешка во Киев, каде што жителите со денови имаат само еден и пол до два часа електрична енергија дневно. Се очекува температурите да паднат на -19 степени Целзиусови во наредните денови, што ќе изврши дополнителен притисок врз енергетскиот систем.

Зачлени се на нашиот е-билтен