Русија годинава очекува благ пад на извозот на нафта

Русија годинава очекува благ пад на извозот на нафта

Русија годинава очекува благ пад на извозот на нафта, но и потенцијален двоцифрен пад на приходите од извозот на нафта и гас, соопшти Министерството за економски развој во најновите прогнози.

Извозот на нафта во 2025 година ќе се намали за 2,08 проценти, на 240,1 милион тони, според основното сценарио, објави министерството кон крајот на минатата недела.

Досега се очекуваше пад на обемот на извозот од околу 4,5 проценти и испорака од 229,7 милиони тони нафта, потсетува новинската агенција Тас.

Во 2026 година извозот би требало да порасне на 241,7 милиони тони, во 2027 на 243,9 милиони тони, а во 2028 на 251,2 милиони тони, според основното сценарио во прогнозата за социоекономскиот развој на Русија за 2026 и планскиот период 2027 – 2028 година.

Извозот на нафтени деривати, пак, годинава би требало да порасне за 2,8 проценти, на 125,9 милиони тони. Во 2026 обемот на извозот би требало да достигне 132 милиони тони, во 2027 – 134 милиони тони и да остане на тоа ниво и во 2028 година, соопшти министерството, потврдувајќи ги априлските прогнози.

Министерството ја потврди и прогнозата за производство на нафта годинава од 516 милиони тони. Потврдени се и прогнозите за периодот 2026 – 2028 година, од 525,2 милиони тони, 532,6 милиони тони и 540 милиони тони.

Руските приходи од нафта и гас, според основното сценарио, годинава би требало да се намалат за 12,5 проценти, на 206,1 милијарди долари, прогнозира министерството.

Во следните три години би требало да пораснат – на 215,2 милијарди долари во 2026, на 227,5 милијарди долари во 2027 и на 251,2 милијарди долари во 2028 година.

Конзервативното сценарио, пак, зема предвид засилен притисок од санкциите на западните земји преку секундарни мерки, пред сè кон рускиот енергетски сектор, поизразени дисбаланси во глобалната економија поради трговски војни и последователно побавен раст на глобалната побарувачка, како и зголемена понуда од земји надвор од групата ОПЕК+.

Во конзервативното сценарио, министерството предвидува пад на приходите од нафта и гас во 2026 година на 162 милијарди долари. Во 2027 тие би изнесувале 172 милијарди долари, а во 2028 година – 185,8 милијарди долари.

Зачлени се на нашиот е-билтен