Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Русија извести за повредени во напад со дронови во економска зона во Татарстан, на 1.100 км од границата со Украина

Русија денеска извести за напади со беспилотни летала врз фабрики во републиката Татарстан, на повеќе од 1.100 километри од Украина, и посочи дека во нападите има ранети луѓе.

„Напади со дронови беа извршени врз фабрики во Татарстан во Јелабуга и Нижнекамск“, соопшти прес-службата на татарскиот лидер Рустам Миниханов на Телеграм.

Нападите „не предизвикаа сериозна штета и работата на фабриките не беше засегната“, се вели во соопштението, во кое се додава: „За жал во Јелабуга имаше повредени луѓе“.

Според прес-службата на регионалниот функционер Рустам Миниханов во инцидентот се повредени две лица, додека според Министерството за здравство на оваа руска република, ранети се шест лица.

Во специјалната економска зони во Јелабуга работат десетици фабрики и компании, додека во Нижнекамск има голема нафтена рафинерија. 

Украинската главна управа за разузнавање, според информативниот портал РБЦ-Украина, таргетирала фабрика за монтажа на беспилотни летала од типот „Шахед“, што резултирало со значително уништување на производствени капацитети. Иако украинските медиуми редовно ги припишуваат ваквите напади на ГРУ, Киев официјално не ги потврди овие тврдења.

РБЦ-Украина, која на својот канал на Телеграм објави видео од моментот кога дронот ја погаѓа економската зона, пренесува и медиумски извештаи дека во нападот бил погоден и комплекс за вработените во зоната. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен