Русија денеска ја забрани работата на организацијата Хјуман рајтс воч (Human Rights Watch), ставајќи ја на списокот на „непожелни организации“.
Оваа одлука значи дека ХРВ мора да ја прекине работата во Русија, како и дека нивните соработници или симпатизери може да бидат кривично гонети.
На списокот на „непожелни организации“ во Русија се наоѓаат повеќе од 275 организации, меѓу кои се и Радио Слободна Европа, истражувачкиот центар Четам Хаус (Chatham House), антикорупциската група Транспаренси интернешенел (Transparency International) и организацијата за заштита на животната средина WWF.
Основана во 1978 година, организацијата ХРВ ги следи и истражува кршењата на човековите права во земјите ширум светот.
Исто така, отворено се противи на руската инвазија врз Украина и неодамна објави истрага за тоа како руските сили користат дронови за намерно ранување и убивање цивили кои живеат во Херсонската област во Украина.

