Русија, НАТО и 2029: дали сценариото за напад е реална закана?

НАТО

Во Берлин веќе постои конкретна година околу која се гради новата безбедносна доктрина: 2029. До тогаш, германската војска – Бундесверот – треба да биде „подготвена за војна“, а Европа да смета дека Русија би можела да има капацитет да го нападне НАТО. Прашањето што логично произлегува е: дали Западот реално се подготвува за најцрното сценарио, или политичарите свесно ја драматизираат заканата за да ја оправдаат масивната трка во вооружување?

Според анализата на „Еуроњуз“, токму германската дебата за „подготвеност за војна“ стана симбол на ова ново време. Берлин планира до 2029 година да го зголеми одбранбениот буџет на речиси 153 милијарди евра, што би било околу 3,5 отсто од домашниот бруто-производ – ниво кое до пред неколку години беше незамисливо за земја со силна пацифистичка традиција. Идејата е Бундесверот да стане најсилната конвенционална армија во Европа и клучен столб на НАТО на континентот.

Корените на „датумот 2029“ не се политичка реторика туку разузнавачки документ. Во 2023 година заедничка проценка на закани на НАТО предупреди дека за три до пет години Русија би можела да се врати на ниво на сили кое дозволува нова голема војна, откако делумно ќе ги пополни загубите од инвазијата врз Украина. Според податоци на германскиот јавен сервис WDR, анализата користела сателитски снимки, податоци за производство и регрутирање и пресметала дека Москва би можела да мобилизира до 1,5 милиони добро опремени војници до 2028 година. Оттаму и политичката формулација дека до крајот на деценијата Русија „може да биде во позиција“ да нападне НАТО држава, иако тоа не значи дека нападот е неизбежен.

Началникот на Генералштабот Карстен Бројер неодамна објасни дека 2029 „не е измислен број“, туку резултат на „строга анализа“. Неговиот став е внимателно избалансиран: јавноста не треба да се плаши со брзи апокалиптични сценарија, но мора да сфати дека Русија по Украина не е задолжително ограничена само на Украина. „Тоа не значи дека Русија сигурно ќе нападне, туку дека ќе биде во состојба да го стори тоа“, предупредува Бројер.

Во паралелна линија се движат и другите западни предупредувања. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул говори за Русија која „ја создава опцијата за војна против НАТО најдоцна до 2029 година“, а слични проценки дека напад е можен за три до пет години претходно дадоа и данскиот министер за одбрана и генералниот секретар на НАТО Марк Руте. За нив, суштината е одвраќањето: да се покаже дека НАТО е доволно силен за таков напад никогаш да не стане логичен избор за Кремљ.

Паралелно со буџетот, Германија отвора уште една табу-тема – враќање на воената служба. Бундесверот денес има околу 181–183 илјади активни војници и официјална цел да порасне над 200 илјади до крајот на деценијата, со силна резерва зад нив. Новиот модел предвидува сите мажи од 18 години од 2026 да мора да се регистрираат и да поминат лекарски прегледи, а да останат формално доброволци; сепак, во случај бројките да не се исполнат, Бундестагот може да ја активира задолжителната служба. Жените се охрабруваат да се пријават, но не се обврзани. Најмладите генерации веќе добиваат писма од армијата со покана да се регистрираат – прв чекор во враќање на нешто што Германија го укина во 2011 година.

Сето тоа се вградува во пошироката германска стратегија за „воена подготвеност“, која, според информации објавени во „Вол Стрит џурнал“ и други медиуми, се материјализира и во тајни оперативни планови како „Операција Германија“ – сценарии за мобилизација на стотици илјади војници и претворање на германските железници, патишта и пристаништа во главен логистички коридор за НАТО во евентуална војна со Русија.

Но најголемата промена не е само во бројките и плановите, туку во односот со САД. Германските генерали отворено говорат дека контактите со Пентагон, кои некогаш биле „домаќински“ и постојани, денес се „значително пресечени“. Наместо директни линии, Берлин сè повеќе се потпира на сопствените амбасади и аналитички служби, додека паралелно растат сигналите дека Вашингтон на долг рок сака Европа сама да преземе поголем дел од товарот во НАТО. Американскиот амбасадор во Алијансата јавно зборуваше дека би сакал Германија во иднина да ја преземе водечката воена улога во НАТО – порака што истовремено е и комплимент и предупредување.

Зачлени се на нашиот е-билтен