Русија се штрекна по барањето на Полска за активирање на член 4

Москва се обиде да ја смири топката откако Полска побара итни консултации во НАТО по Член 4, откако повеќе руски беспилотни летала навлегоа во полскиот воздушен простор за време на масовен напад врз Украина.

Руското министерство за одбрана соопшти дека „не било планирано таргетирање објекти на полска територија“, додавајќи дека максималниот дострел на леталата „не надминува 700 километри“ и дека Москва е подготвена за технички консултации со полското Министерство за одбрана. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека прашањето е за воениот ресор и ја отфрли оценката на ЕУ и НАТО дека станува збор за провокација.

Полскиот премиер Доналд Туск ја нарече ситуацијата „најблиска до отворен конфликт од Втората светска војна“, по 19 нарушувања на воздушниот простор во текот на ноќта. Полските сили, со поддршка на сојузнички авиони, соборија најмалку три дрона (четврти „многу веројатно“ е уништен), а беа пријавени и урнатини на повеќе локации во Лублинскиот регион. Варшава формално активираше Член 4 – политички механизам за консултации кога една членка се чувствува загрозена – и побара засилување на ПВО.

Од Брисел, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, порача дека Алијансата е подготвена да ја брани „секоја педа“ од својата територија и го поздрави „многу успешниот“ одговор на сојузниците, вклучително и учеството на холандски F-35, италијански авиони за радарско набљудување и сојузнички танкери. Северноатлантскиот совет се состана утрово по барање на Полска; проценката на инцидентот е во тек.

Москва, пак, тврдеше дека дроновите „летале од украински правец“, а привремениот руски амбасадор во Варшава рече дека Полска не презентирала докази дека соборените летала се руски. Полските власти соопштија дека дел од леталата навлегле од правец на Белорусија – првпат со таква траекторија од почетокот на војната.

Инцидентот ја премести кризата на нова опасна линија: за прв пат една членка на НАТО отвори оган и собори цели поврзани со руските удари, и тоа на своја територија, со координирана сојузничка поддршка во воздух. Дел од полските аеродроми накратко беа затворени, а населението доби предупредувања да остане во домовите додека трае потрагата по урнатини.

Иако Член 4 не подразбира автоматски колективна одбрана (Член 5), историјата покажува дека најчесто води кон реални одбранбени мерки – засилени патроли, распоред на „Патриот“ батерии, интегрирани радарски слики и построга ПВО-дежурност на источниот фронт. И денес сигналите се дека НАТО ќе ја засили воздушната покриеност и ќе усогласи правилник за пресретнување во граничните појаси за да се намали ризикот од погрешна пресметка.

Рускиот обид за деескалациски тон („не сме таргетирале Полска, дострел 700 км, подготвени сме за разговор“) е класична „правна магла“ – доволна за да се избегне формална вина, недоволна за да ја убеди јавноста дека навлегувањата се случајни. Варшава, напротив, оди по учебник: ја активира политичката сирена (Член 4), бара колективна проценка, а во воздух покажува капацитет за пресретнување со сојузници. Пораката до Москва е двојна – дека линијата е видлива и одбранлива – но и до европските престолнини: дека одвраќањето не е само реторика, туку логистика, ротации и муниција. Следните денови ќе покажат дали НАТО ќе ја претвори оваа криза во побрза интеграција на ПВО-мрежите по балтичко-карпатската оска. Ако одговорот остане на ниво на коминикеа, ризикот е противникот да „ја тестира линијата“ уште подлабоко; ако, пак, се преточи во погуста воздушна покривка, тогаш ноќешниот инцидент ќе остане пресвртница — не затоа што ја разгорел спиралата, туку затоа што ја запечатил.

Зачлени се на нашиот е-билтен