Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Русија соопшти дека ќе преземе соодветни мерки против Бугарија поради протерувањето на руски новинар

Русија денеска ја предупреди Бугарија дека ќе преземе соодветни мерки поради одлуката на властите во Софија да го протераат дописникот на „Росискаја газета“ Александар Гацак од причини поврзани со националната безбедност.

„Бугарските власти упорно ни навестуваа дека сето ова треба да го оставиме надвор од информациското поле“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Ситуацијата се влошува со срамниот факт што специјализираните меѓународни структури го игнорираат таквиот третман на професионалните новинари… Ми се чини дека тоа само ги охрабрува властите во одредени земји да продолжат да ги кршат правата на новинарите и медиумите и да наметнуваат цензура“, рече Захарова на прес-конференција.

Таа исто така изјави дека руското Министерство за надворешни работи го повикало дописникот на бугарското национално радио во Москва.

Гацак побара засолниште во Руската амбасада во Софија, откако бил повикан од бугарското Министерство за внатрешни работи. Бугарската државна агенција за национална безбедност (ДАНС) соопшти дека новинарот вчера ја напуштил земјата.

Гацак неколку години работел како дописник на „Росискаја газета“ во Софија. Во неговите публикации има и материјали кои биле критички настроени кон бугарските власти, јавија западни медиуми. 

Зачлени се на нашиот е-билтен