Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги изложи условите на Москва за мировен договор со Украина во интервју за NBC News, потврдувајќи дека Русија бара Украина да остане неутрална, ненуклеарна и неповрзана со било кој воен блок, а нејзината безбедност да ја гарантира група држави предводени од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН. Како можни гарантори Лавров ги наведе и Германија и Турција. „Гаранторите би ја гарантирале безбедноста на Украина, која мора да биде неутрална… и ненуклеарна“, изјави тој, повторувајќи дека членството на Украина во НАТО е неприфатливо за Русија.
Лавров се наврати на неуспешните преговори во Истанбул во 2022 година, кога во нацрт-договор се разгледуваше трајна неутралност на Украина во замена за безбедносни гаранции од петте постојани членки на Советот за безбедност и други земји. Актуелната руска рамка, според него, подразбира и територијални разговори и „заштита за рускоговорното население“ во Украина.
Изјавата доаѓа по повеќемесечни дипломатски контакти во кои Москва инсистира дека секој модел на гаранции без руска вклученост е „пат кон никаде“. Истовремено, западни сојузници разгледуваат формули за постконфликтни гаранции, надвор од формално НАТО-членство.
Киев, пак, повеќепати порача дека не прифаќа територијални отстапки и дека прекин на огнот мора да му претходи на секоја дискусија за статусни прашања. Украинската страна ја отфрла руската забрана за НАТО-патот и воспоставување „вото“ на Москва врз идната безбедносна архитектура на земјата.
Во паралелни изјави, американски официјални лица нотираа дека Русија сигнализира извесни поместувања околу архитектурата на безбедносни гаранции, но клучните разлики остануваат – особено околу НАТО, територијата и присуството на западни трупи или инструктори во Украина.