Руска мрежа за перење пари вредна милијарди долари, која делувала преку Велика Британија, купила контролен пакет акции во банка во Киргистан за да им овозможи на компаниите од Русија полесно да ги избегнуваат западните санкции и индиректно да ја поддржуваат војната во Украина, соопшти Националната агенција за борба против криминалот (НАБК) на Обединетото Кралство.
Случајот е дел од меѓународната истрага „Операција Destabilise“, со која британските, американските и европските истражители веќе неколку години ги мапираат мрежите што собираат готовина од уличен криминал, ја претвораат во криптовалута и потоа ја движат низ глобалниот финансиски систем – од локални дилери на дрога, до компании поврзани со рускиот одбранбен и технолошки сектор.
Според НАБК, мрежата TGR, предводена од украинскиот државјанин со руско потекло Џорџ (Георгиј) Роси, е поврзана со купувањето мнозински удел во киргистанската Керемет Банк – финансиска институција која годинава беше ставена под американски санкции. Американското Министерство за финансии претходно оцени дека продажбата на банката од страна на киргистанското Министерство за финансии имала за цел да се создаде „центар за избегнување санкции“ за руските трговски плаќања.
Истражителите тврдат дека преку Керемет Банк се олеснувале прекугранични плаќања за компании вклучени во руската одбрана, воздухопловството и технологијата, а дел од трасите водат и до руската државна банка Промсвјазбанк, задолжена за финансирање на воениот индустриски комплекс. Банката одбива вина и најавува дека ќе ги оспори американските санкции, но притисокот врз неа и врз киргистанските власти расте.
„Операција Destabilise“ не е нова приказна, туку надградба на истрага која уште во 2024 година ги таргетираше руско-говорните мрежи Smart и TGR – истите структури што им служеле и на руски олигарси, и на сајбер-криминални групи, и на европски нарко-картели. Тогаш беа откриени шеми „готовина за крипто“, каде вреќи со пари од продажба на дрога и друго тешко криминално дејство се менувале за дигитални валути, кои потоа исчезнувале во лавиринтот на глобалните крипто-размени.
Новото ажурирање на истрагата покажува до каде може да стигне една ваква мрежа кога државите не реагираат навреме: од собирање кеш на улиците на Лондон, Манчестер или Бирмингем, до купување банка во Киргистан која потоа обработува плаќања за руската војна машина. Вкупно 128 лица веќе се уапсени во рамки на акцијата, а само во Британија се запленети над 25 милиони фунти во готовина и криптовалути, при што паралелни акции во САД, Франција, Шпанија и Ирска додале уште милиони на оваа листа.
Називот на операцијата – „Destabilise“ – не е случаен. НАБК и партнерите отворено велат дека истрагата ја открива линијата што ги поврзува ситните нарко-дилови во британските квартови со геополитичките конфликти и војната во Украина. Истите канали што ја перат готовината од локалните дилери, ги движат и парите од сајбер-изнуди (ransomware), а потоа дел од тие средства завршуваат во рацете на компании и институции кои му служат на Кремљ.
Американските и британските власти одамна ги држат под санкции клучните актери од TGR и Smart, но случајот со Керемет Банк покажува дека финансиските мрежи брзо се прилагодуваат – од класични офшор шеми, до целосно преземање на банки во трети земји кои формално немаат ништо заедничко со Украина или со Русија. На удар, индиректно, се наоѓаат и тие држави: секоја банка која свесно или несвесно станува инструмент за избегнување санкции, ризикува да се најде на црните листи на Западот, со сите последици за нејзиниот финансиски систем.
Замениk-директорот на НАБК за економски криминал, Сал Мелки, порача дека сега првпат јасно се гледа „обемот на кој оперираат овие мрежи“ и дека може да се повлече директна линија меѓу „криминалот во нашите заедници, софистицираниот организиран криминал и активностите спонзорирани од државата“. Прашањето кое останува отворено е колку брзо регулаторите и банките ќе одговорат на овие откритија и дали ќе успеат да ги затворат празнините што овозможуваат една руска мрежа за перење пари да купи банка и преку неа да ја полни касата на војната во Украина.

