Руската делегација пристигна во Истанбул за нова рунда преговори со Украина

Руска делегација предводена од Владимир Медински, помошник на рускиот претседател Владимир Путин, пристигна во Истанбул, каде што вечерва ќе се одржи третата рунда преговори со Украина, јавуваат руските новински агенции.

Во делегацијата се и заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галужин, началникот на Главната управа на Генералштабот на руската армија Игор Костјуков, како и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.

Украинската делегација е проширена од 12 на 14 членови и во неа сега се вклучени и претставници на канцеларијата на омбудсманот и на Генералштабот на вооружените сили на Украина, јавуваат „Ведомости“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека на состанокот ќе се разгледуваат нацрт-меморандуми што двете страни ги разменија во претходната рунда. Притоа ќе се разговара и за продолжување на размената на воени заробеници.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека делегацијата ќе инсистира на темите за враќање на украинските заробеници и децата пренесени на територијата на Русија, како и за подготовка на потенцијална средба меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин.

Според прелиминарните информации, преговорите ќе се одржат во палатата Чираган во Истанбул.

Украинската делегација, предводена од секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, во моментот се наоѓа во Анкара, каде што украинските преговарачи се сретнаа со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Разговорите меѓу Русија и Украина се закажани за 19 часот.

Зачлени се на нашиот е-билтен