Руската тајна служба проценува дека Русија има загуби од 110.000 луѓе во Украина

Русија има околу 110.000 луѓе убиени и ранети за време на војната во Украина, според руската Федерална служба за безбедност. А длабочината на внатрешните борби внатре во руската влада се чини поширока и подлабока отколку што претходно беше сфаќано, судејќи според новооткриените доверливи разузнавачки документи што беа објавени на интернет, пишува „Њујорк Тајмс“

Дополнителните документи, кои не се појавија во сетот од 53 страници што го привлече вниманието на јавноста на интернет минатата недела, прикажуваат слика на руската влада која се кара околу бројот на загинатите и ранетите во војната во Украина, а домашната разузнавачка агенција ја обвинува војската за прикривање на обемот на жртви што ги претрпе Русија.

Новиот сет, кој содржи 27 страници, потврдува колку длабоко американските шпионски агенции навлегле во речиси секој аспект на рускиот разузнавачки апарат и воената командна структура.

Според пресретнувањата на американските разузнавачи, руската тајна служба тврди дека Министерството за одбрана во своите извештаи не ги вклучува жртвите меѓу членовитево Националната гарда, платениците на групата „Вагнер“ и борците на шефот на Чеченија, Рамзан Кадиров.

Врз основа на овие информации, американското разузнавање заклучува дека руското Министерство за одбрана не сака „да шири лоши вести по синџирот на команда“. Сепак, ова веќе доведе до нејавен конфликт со ФСБ.

Од документот на Пентагон, исто така, произлегува дека рускиот претседател Владимир Путин лично интервенирал во конфликтот меѓу основачот на „Вагнер“ Евгениј Пригожин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу поради недостигот на муниција и активностите на воениот оддел. Путин ги повикал и ги поканил на заедничка средба, која според американските разузнавачи се одржала на 22 февруари.

„Средбата речиси сигурно се занимаваше, барем делумно, со јавните обвинувања на Пригожин и тензиите со Шојгу како резултат на тоа“, се вели во документот.

Последен пат Министерството за одбрана на Руската Федерација пријави руски загуби во септември 2022 година. Тогаш Шојгу рече дека од почетокот на војната во Украина, загинале 5.937 руски војници.

Американските власти претходно ги проценија загубите на Русија на околу 200.000. Еден од тајните документи даде проценка за февруари 2023 година, според која Русија може да изгуби од 190 илјади до 223 илјади луѓе, вклучително и до 43 илјади убиени во битка. Во исто време, Украина загуби од 124 до 131 илјади луѓе, од кои до 17,5 загинаа во битка.

Информациите на американското разузнавање можеа да се добијат првенствено преку следење на електронски пораки, забележуваат од NYT. Документите содржат малку информации од извори меѓу претставниците на руските специјални служби и власти.

Зачлени се на нашиот е-билтен