Шест воени камиони изгореа во германскиот град Ерфурт, а руски агенти се осомничени дека ги запалиле, изјави за телевизијата МДР претставник на одделот за криминалистичка полиција на Тирингија.
Шест воени камиони изгореа на паркинг на сервис за поправка на MAN Truck & Bus, а видеоснимка од инцидентот се појави на Z-каналот „Опседнати од војна“, каде се тврди дека камионите биле наменети за украинската армија.
Според анализи на отворени извори на информации (OSINT) од корисникот Tendar, камионите биле паркирани во сервис за поправка на возила од марката MAN. Каналот „Рибар“, кој е поврзан со руската армија, објави дека се уништени воени камиони и влекачи MAN, произведени од германската компанија Рајнметал, во вредност од околу 2,5 милиони евра, пренесува бугарски Медиапул.
Кримналистичката полиција на Тирингија, цитирана од телевизијата МДР, ја проверува автентичноста на видеото и тврдењата дека камионите биле наменети за Украина.
Бундесверот не ги потврди ниту ги демантира овие информации.
Сличен инцидент се случи на 6 јуни во Золтау, Долна Саксонија, каде беа запалени шест воени возила, со штета од над половина милион евра, објави Дојче веле. Во мај, германските власти уапсија тројца украински државјани осомничени за планирање саботажи по наредба од Москва, вклучително и испраќање на експлозивни направи во пакети од Германија до Украина.