Руски дрон удри во патнички воз во Украина: Загинаа цивили, Зеленски го нарече нападот терористички

Русија во текот на ноќта изврши масовен напад со беспилотни летала врз повеќе региони во Украина, при што загинаа најмалку 12 цивили, соопштија украинските власти. Најтешкиот инцидент се случил во Харкивската област, каде што руски дрон директно погодил патнички воз.

Според официјалните информации, во моментот на нападот во возот имало над 200 патници, а најмалку 18 се наоѓале во вагонот кој бил директно погоден. Загинаа пет лица, а повеќемина се повредени.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски нападот го оцени како „терористички чин“, истакнувајќи дека станува збор за свесен напад врз цивилна инфраструктура.

„Убиството на цивили во патнички воз нема и не може да има никакво воено оправдување. Ова е чист терор“, напиша Зеленски на социјалната мрежа X, објавувајќи и видео од запалениот вагон.

Масовни напади и врз Одеса

Покрај Харкив, цел на руски дронови била и Одеса, каде што, според локалните власти, загинале три лица, а повеќе од 30 се повредени, меѓу кои и две деца.

Нападите биле насочени кон електроенергетската инфраструктура, но погодени биле и најмалку пет станбени згради. Украинските власти соопштија дека Русија користела модернизирани дронови со зголемена разорна моќ.

Одеса и понатаму останува една од главните цели на нападите поради нејзината клучна улога во логистиката и извозот преку Црното Море.

Жртви и во околината на Киев

Напади се регистрирани и во Киевската област, каде што во населбата Билохородка загинале маж и жена. Нивното четиригодишно дете е повредено, но преживеало. Уште три лица се здобиле со телесни повреди, соопшти украинската полиција.

Украинските власти предупредуваат дека зачестените напади врз цивилни објекти, особено во зимски услови, имаат за цел да создадат страв меѓу населението и дополнително да ја влошат хуманитарната состојба во земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен