Руски напад врз Тернопил: најмалку 20 загинати, меѓу нив и деца

Рускиот напад врз западноукраинскиот град Тернопил со ракети во ноќта кон среда ја претвори тивката станбена населба во поле од урнатини: најмалку 20 загинати, меѓу нив и две деца, и 66 повредени, од кои 16 деца, е досегашниот биланс на еден од најсмртоносните удари врз западна Украина од почетокот на војната. Спасувачките екипи и попладне продолжија да копаат низ бетон и метал, барајќи преживеани под урнатините на двата деветкатници погодени во нападот.

Според украинската служба за вонредни ситуации, цел на нападот биле две високи станбени згради во Тернопил. Едната деветкатница била зафатена од пожар, додека другата буквално е „исечена“ од третиот до деветтиот кат – цели вертикални сегменти од зградата се срушени, оставајќи отворени станбени единици, детски соби и ходници под отворено небо. Украинските власти предупредија дека бројот на жртви може да расте, бидејќи дел од жителите сè уште се водат како исчезнати.

Нападот, според првичните информации од украинската противвоздушна одбрана, бил изведен со руски крстосувачки ракети од типот Х-101, како дел од комбиниран воздушен удар врз западна Украина, во кој биле користени и други видови ракетно и дронско вооружување. Украинските власти наведуваат дека целите биле далеку од фронтот и далеку од воени позиции – во срцето на мирна станбена зона.

Премиерката на Украина, Јулија Свириденко, јавно порача дека станува збор за директен удар врз цивилното население. „Целите не беа воени позиции, туку цивили, станбени блокови и местата каде што луѓето го живеат својот секојдневен живот“, изјави таа, опишувајќи ги урнатините во Тернопил како уште едно потсетување дека руската кампања сѐ почесто го удира грбот на земјата, а не само фронтот.

Нападот врз Тернопил не е изолиран инцидент, туку дел од широк бран воздушни удари. Русија во текот на ноќта лансирала повеќе од 470–500 дронови и ракети кон цели ширум Украина, во една од најмасовните комбинирани операции последниве месеци.

Мета, според Киев, биле енергетската и транспортната инфраструктура, но линијата меѓу „инфраструктура“ и животот на обичните луѓе одамна е избришана: во многу градови граѓаните минуваат над 15 часа дневно без електрична енергија, додека температурите паѓаат и зимата се приближува.

Ударот врз западноукраинскиот град има и јасна геополитичка димензија. Тернопил, далеку од линијата на фронтот, долго време се сметаше за релативно „позадински“ простор, во кој се сместуваа раселени лица и се редистрибуираа материјални ресурси. Фактот дека сега токму овој град станува цел на масивен ракетен удар е сигнал дека Москва сака да покаже дека ниту еден дел од Украина не може да се смета за безбеден.

Воздушниот напад предизвика реакција и надвор од украинските граници. НАТО државите Полска и Романија подигнаа борбени авиони и ги ставија противвоздушните системи во состојба на висока готовност, откако руски дронови и ракети се приближија до нивното воздушно пространство за време на ноќниот бран напади. Дел од аеродромите во регионот привремено беа затворени, што уште еднаш покажа колку лесно линијата на фронтот може да се доближи до НАТО-границите, дури и без формално преминување.

Во внатрешноукраински контекст, ударот врз Тернопил се надоврзува на низата големи напади врз цивилни цели во 2025 година: воздушниот напад врз Суми во април, во кој загинаа 35 лица, меѓу нив и деца, или ракетниот напад врз Криви Рих, каде исто така беа убиени најмалку 20 цивили.

Во сите овие случаи, како и сега во Тернопил, центарот на ударот не биле воени објекти, туку станбени згради, јавни простори, луѓе фатени во својата секојдневна рутина – заспани, на пат кон работа, во редици за јавни услуги.

Украинските власти ги квалификуваат ваквите напади како воени злосторства и повикуваат на засилена меѓународна истрага, истакнувајќи дека намерното гаѓање на цивилни објекти е јасно забрането со меѓународното хуманитарно право. Додека истражителите ги документираат оштетените згради, фрагментите од ракети и личните предмети расфрлани низ урнатините, жителите на Тернопил се соочуваат со истата дилема што ја живее цела Украина од 2022 година: како да се продолжи понатаму кога домот за една ноќ станал местото на најголемата загуба.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски се наоѓа во дипломатска офанзива – во Истанбул, на средби со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во обид да издејствува нови механизми за притисок врз Русија, од санкции до безбедносни гаранции.

Додека во украинските градови се бројат жртви и се расчистуваат урнатини, на масата во Анкара и другите европски престолнини останува прашањето како да се намали просторoт во кој една ракетна глава за неколку секунди може да уништи цели семејства, станбени блокови и илузии за „заштитен заден фронт“.

Зачлени се на нашиот е-билтен