Руски напади предизвикаа голем прекин на струја во Киев и делови од Украина

Голем прекин на електрична енергија ја зафати украинската престолнина Киев и неколку други региони низ земјата, поради преоптоварување на мрежата и нови руски напади врз енергетската инфраструктура, соопшти државната компанија Ukrenergo.

Според извештаите на Reuters, делови од Киев останале без струја и со намален притисок на водата. Градската администрација преку Telegram информираше дека преоптоварувањето довело до дефект во едно од клучните енергетски постројки во градот.
Три централни окрузи на западниот брег на реката Дњепар останале без електрична енергија, поради што метрото во Киев било принудено да користи резервно напојување за да продолжи со работа.

Подоцна, властите соопштија дека итните служби успеале да ја обноват струјата во најпогодените делови, иако сè уште има повремени прекини. Притисокот на водата, според градските власти, треба целосно да се стабилизира во рок од неколку часа.

Од Ukrenergo изјавија дека проблемите се последица на неодамнешните руски напади врз енергетските капацитети, што довеле до прекини во снабдувањето со електрична енергија низ северна, централна и југоисточна Украина.
Во последните недели, Русија ја засили кампањата на воздушни напади врз украинската енергетска мрежа. Само минатата недела, околу еден милион домаќинства и бизниси останале без струја во Киев и други региони на земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен