Руте: Агресијата на Путин не успева, поддршката за Украина дава резултати

„Путин остварува минимални придобивки на фронтот, додека стотици илјади Руси умираат поради неговата луда агресија“, рече Руте

 Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска ја осуди, како што рече, „лудата агресија“ на рускиот претседател Владимир Путин против Украина, посочувајќи дека поддршката на Алијансата за Украина дава јасни резултати на бојното поле и додавајќи дека американските тарифи вршат дополнителен притисок врз Русија.

По самитот на „Коалицијата на подготвените“ во Лондон, Руте рече дека состанокот бил „многу продуктивен“ и ја поздрави иницијативата на сојузниците за понатамошно зајакнување на помошта за Украина, објави Скај њуз.

„Путин остварува минимални придобивки на фронтот, додека стотици илјади Руси умираат поради неговата луда агресија“, рече Руте, додавајќи дека развојот на ситуацијата на терен покажува дека поддршката за Украина функционира, што сојузниците мора да продолжат.

Според Руте, рускиот претседател „останува без пари, војска и идеи“.

Руте истовремено оцени дека санкциите што САД завчера ги воведоа против Русија ќе извршат поголем притисок врз Путин.

„Санкциите што САД ги воведоа врз Русија ја покажуваат посветеноста на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната“, нагласи Руте.

Тој додаде дека со Трамп разговарал за можната испорака на ракети „Томахавк“ во Украина на состанокот на почетокот на неделата во Вашингтон, но дека одлуката сè уште не е донесена, потсетуваат британските медиуми.

Руте, исто така, истакна дека секоја земја-членка на Алијансата самостојно одлучува кое оружје ќе го испорача во Украина, додавајќи дека САД веќе обезбедуваат широк спектар на воена помош, што, додаде тој, ќе продолжи да го прави.

Во Лондон попладнево се одржа состанок на „Коалицијата на подготвените“, каде беа присутни и нови членови, вклучувајќи дополнителни 20 земји кои се придружија на заедничкиот повик за поголема меѓународна соработка и поддршка за Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен