Руте: Никој не ја прашува Москва дали ќе има НАТО трупи во Украина

Генералниот секретар на НАТО- Марк Руте порача дека Русија нема право да одлучува дали западни трупи може да бидат распоредени во Украина, бидејќи тоа е суверена држава и решението е исклучиво нејзино. „Зошто воопшто нè интересира што мисли Русија за трупите во Украина? Тоа е суверена нација. Не е на нив да одлучуваат“, рече Руте на безбедносниот самит на IISS во Прага, додавајќи дека „треба да престанеме да го правиме Путин премногу моќен“.

Руте нагласи дека во сценарио на прекин на огнот и мировен договор, доколку Киев побара сили за безбедносни гаранции на своја територија, тоа е легитимна одлука на Украина. Паралелно, европските сојузници разгледуваат модел на „коалиција на подготвените“ за поствоени гаранции, со можен европски копнен контингент и воздушна поддршка, во координација со САД — процес што и денес е тема на состаноци на европските лидери.

Иако во фокус е руската агресија, Руте предупреди дека заканата „нема да исчезне кога ќе заврши војната“, укажувајќи на растечката координација меѓу Кина, Иран и Северна Кореја и потребата НАТО да се подготви за подолготрајна конфронтација. Говореше и за поврзаноста на евроатлантскиот и индо-пацифичкиот безбедносен театар и за продлабочена соработка со Јапонија, Австралија, Нов Зеланд и Јужна Кореја.

Руте повтори дека „само пари не носат безбедност“ — потребни се капацитети, „вистинска огнена моќ“ и забрзано производство на муниција и вооружување низ алијансата, бидејќи „не произведуваме доволно“. Според него, Русија до неодамна произведувала повеќе муниција од сите членки на НАТО заедно, но Европа веќе го зголемува својот аутпут.

Во таа насока, тој ја пофали американската улога и политичкиот притисок што резултираше со нов, значително повисок целен праг на одбрански трошоци договорен на јунскиот самит во Хаг, со кој сојузниците се обврзаа на амбициозно зголемување на издвојувањата за одбрана во наредната деценија.

Москва, пак, и денес одговори дека секоја дискусија за распоредување западни трупи во Украина е „неприфатлива“, што ја нагласува политичката чувствителност на идејата за европска мисија во поствоен контекст.

Зачлени се на нашиот е-билтен